ЗА СЛУЧАЈОТ „МАЃАР ТЕЛЕКОМ“ ПРАШАЈТЕ ВО СУДОТ, ВЕЛИ ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЗВРЛЕВСКИ

    ЗА СЛУЧАЈОТ „МАЃАР ТЕЛЕКОМ“ ПРАШАЈТЕ ВО СУДОТ, ВЕЛИ ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЗВРЛЕВСКИЈавниот обвинител Марко Зврлевски и американскиот амбасадор Џес Бејли на меѓународната конференција за државна корупција лани во Скопје, спонзорирана од американската државна агенција за меѓународен развој УСАИД (Фото: СДК.МК)

    Јавното обвинителство има поднесено обвинение до Кривичниот суд во Скопје за случајот „Маѓар телеком“ за проневера, предметот е во Судот, вели Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Обвинителството има поднесено обвинение до Кривичниот суд со тие докази што ги имаме. Предметот е веќе пет до шест години во Судот. Јавете се во судот и прашајте до каде е работата. За имиња и други детали не можам да дадам информација“, ни рече Зврлевски.

    Во Кривичниот суд велат дека ќе им треба време да одговорат до каде е овој случај.

    За случајот „Маѓар телеком“ во земјава се водат два предмети, во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје и во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

    Зврлевски денеска одби да зборува за истрагата за вториот случај, што го води ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, а е поврзан со постапката што се водеше пред правосудните органи во САД и беше отворен откако јавно беше објавено сведочењето на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Слободан Богоевски пред Окружниот суд во Њујорк, во кое тој тврди дека поранешните директори на „Маѓар телеком“ дале по 2,5 милиони евра поткуп на тогашниот премиер Владо Бучковски и на функционерите на ДУИ Али Ахмети и Муса Џафери, за да не влезе друг телекомуникациски оператор во Македонија.

    Кон крајот на септември, 2015, Богоевски беше повикан и четири часа даваше исказ во Јавното обвинителство. Зврлевски и ексобвинителот за организиран криминал Јован Илиевски по допрен глас отворија предмет за поткупот од „Маѓар телеком“ на македонски политичари, високи функционери од власта и опозицијата во 2005 и 2006. Но, никогаш не најдоа докази за поткуп. Истрагата сѐ уште е отворена.

    Американската комисија за хартии од вредност (СЕЦ) вчера соопшти дека поранешните директори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб и Андрас Балог, кои беа обвинети за „водење тајни договори со премиер и со други лица од Македонија“ за да ја спречат конкуренцијата на телекомуникацискиот пазар, се спогодиле да платат парични казни, од 250.000, односно 150.000 долари. Со спогодбата во Њујоршкиот суд со која се потврдува дека кривичното дело се случило во Македонија, Зврлевски добива нови докази по признанието на вината на директорите на „Маѓар телеком“ дека вршеле коруптивни исплати на високи функционери од власта.

    На прашањето прашање дали исходот од постапката за случајот „Маѓар телеком“ во САД ќе влијае на истрагата за случајот во Македонија, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за „Мета“ изјави дека будно ги следи сознанијата од медиумите и врз основа на нив започна дополнителни дејствија за меѓународна правна помош.

    „И понатаму се преземаат дејствија неопходни за расветлување на настанот. Извршено е испитување и на други лица, а поднесено е и барање за меѓународна правна помош од американските власти, што во неколку наврати имаме посочено дека е подолготрајна постапка. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција будно ги следи сознанијата од медиумите и врз основа на истите започна дополнителни дејствија за меѓународна правна помош“, велат од Јавното обвинителство.

    За првиот случај истрагата почна во 2008, а во 2011 беше поднесено обвинение. Но, судењето за овој случај и по шест години никако да почне, а рочиштата постојано се одложуваат. Станува збор за случај во кој поранешните директори на „Телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, се товарат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за околу 2 милиони евра, бидејќи Владата во „Телеком“ во тој период поседуваше 47 отсто од акциите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира