Обвинетиот експремиер Никола Груевски за нарачка на насилствата во Општина центар и шамарите за градоначалникот Андреј Жерновски во 2013 година, дојде со доцнење на денешното судско рочиште. На денешното рочиште не дојде обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи, која е службено отсутна. Место неа денеска се обвинителите Гаврил Бубевски и Трајче Пеливанов.
За првпат откако е почнато судењето, тој се соочува со Андреј Жерновски во судницата, бидејќи како оштетен, денеска дојде и градоначалникот на Центар, за кого според прислушуваните разговори и обвинението на СJO, Груевски нарачувал да влезе некој од насилниците и да му удри 5-6 јаки шамари.
На судските покани се одзваа обвинетите Миле Јанакиески, Даниела Рангелова, Томислав Лазаров и останатите обвинети за насилниот напад врз општината и советниците. На барање на судијката Татја Михајлова, денеска дојдоа и оштетените и сведоците за првпат, предводени од градоначалнокот Жерновски и Саша Богдановиќ.
С.К. ДЕЛЕВСКА