Холандската актерка со турско потекло Фунда Мујде, иако со парализирани нозе, со рачен велосипед го извозила растојанието од Амстердам до Истанбул, сакајќи да испрати апел во театарите да се остави место за актерите со хендикеп. Таа останала парализирана во долниот дел од телото пред десет години, кога патувајќи со такси возило доживеала сообраќајка, поточно во нив удрил друг автомобил. По ова, поради хендикепот и финансиската криза со која се соочила, во Европа ги изгубила актерските ангажмани што ги имала претходно во театрите.
Овој немилосрден дел од животот ја натерал преку личен пример да испрати апел дека на хендикепираните лица не може никој да им ја одземе уметноста. Сакајќи за тоа да слушне цела Европа, во 2013 пропатувала со велосипед од Холандија до Истанбул.
„Патував 89 дена, на рачен велосипед минав 3.800 километри. Во 2013 се намалија театарските претстави и немаше место за актери во моја положба, немаше доволно место за да играат актери со хендикеп. Поради тоа, решив да го дигнам гласот и да покажам дека и во ваква состојба човек може да живее како уметник и да биде активен“, вели Мујде.
Таа деновиве е гостинка на меѓународниот Фестивал на монодрама, кој по 19. пат се одржува во Центарот за култура во Битола. На седми мај Мујде ќе ја игра монодрамата „Количка“, чиј автор е самата, а ја режираа Вими Вилхелм и Челил Токсуз. Претставата содржи одредени автобиографски елементи од нејзиниот живот, а на сцена ќе се претстави со рачниот велосипед со кој пропатува толку далечен пат. Сепак, монодрамата ќе содржи и има комични елементи.
„Со рачен велосипед пропатував и низ земјите од поранешна Југославија . Со тоа превозно средство ги работам и репортажите во Холандија зашто претходно многу спортував, се занимавав со параглајдерство , пливање, па правев репортажа „Движете се“. По повредата паднав во депресија, немав работа, а не спортував. Одлучив да продолжам да ги работам репортажите на велосипед“, вели Мујде.
Во репортажите и претставите вели дека како уметник порачува оти луѓето се еднакви без разлика на тоа дали се со или без хендикеп. По нејзиниот храбар потфат да ја пропатува Европа на рачен велосипед , нејзините театарски проекти доживејаа голема популарност во Холандија. Годишно има по 40-тина настапи во земјата, а во октомври ќе гостува во Украина.
Ж. ЗДРАВКОВСКА