ГОСПОЃА МАКРОН ЌЕ БИДЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКА ВО СЕНКА

    ГОСПОЃА МАКРОН ЌЕ БИДЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКА ВО СЕНКАБрижит Макрон ќе влезе во претседателската Елисејска палата како прва дама, но ќе продолжи да го советува сопругот, новиот претседател на Франција Емануел Макрон (Фото: Ројтерс)

    Кога прв пат се запознале, тој имал 15 години, таа беше мажена 40-годишна наставничка која му предавала драма и му била ментор во школската претстава. Сега ќе влезе во претседателската Елисејска палата како прва дама, но Брижит Макрон ќе продолжи да го советува сопругот, на поголема сцена. Сопругата на новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон сега има 64 години, беше постојано покрај него за време на кампањата, ја раководеше неговата агенда, му ги уредуваше говорите и го советуваше за изгледот на сцена.

    Во својот победнички говор по победата во првиот круг од изборите пред две недели, Макрон ја повика неговата сопруга да излезе на подиумот и ѝ се заблагодари, проследено со долг аплауз.

    „Брижит, секогаш присутна, а уште повеќе сега, без неа јас не би бил јас”, рече емотивно Макрон, додека стотици негови приврзаници го извикуваа нејзиното име.

    Обајцата беа комплетно непознати кога Макрон кога беше назначен за министер за економија во владата на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд во август, 2014, а  Брижит Макрон, родена Троњо, една година подоцна даде отказ од работата како наставничка за да му помогне на младиот амбициозен сопруг. Во Министерството за економија, таа беше дискретно присустна за време на состаноците со официјалните претставници во модернистичката зграда Берси крај Сена во источниот дел на Париз.

    „Таа минува многу време тука, бидејќи нејзиното гледиште е важно за мене, бидејќи таа носи поинаква атмосфера, што е важно. Мојот живот е тука, не можеш да работиш добро, ако не си среќен”, рече Макрон на последниот состанок со персоналот откако поднесе оставка од владата на Оланд во август, 2016.

    Тој ја објави претседателската кандидатура три месеци подоцна, на 16 ноември, 2016, но дотогаш тој веќе почна да ја прави врската со Троњо – речиси 25 години постара од него – составен дел од неговата јавна личност. Во месеците пред неговата официјална кандидатура, француската јавност ја откри Троњо во серија насловни приказни во популарниот магазин „Пари мач“, меѓу кои онаа во август, 2016 на парот на плажа, во која убавата русокоса изгледаше грациозно, исончана и во едноделен костим за капење. “Љубовниците на одмор пред офанзивата”, беше насловот.

    Во ноември, 2016, во ТВ документарец за Франс 3, само неколку дена откако Макрон ја објави својата кандидатура, двојката сподели видеоснимки на младиот Макрон во школската претстава во која тие се запознале, и снимка од нивната свадба во 2007.

    „Ви благодариме што нè прифативте, една не баш сосем обична двојка”, вели Макрон во видеото на свадбата, на која присуствуваа и тогаш веќе возрасните деца на Троњо. Тој имаше речиси 30, таа 54 години.

    Француските карикатуристи и сатирични радио и ТВ програми редовно се потсмеваат на разликата во годините на двојката, претставувајќи го Макрон како ученик кој зема инструкции од неговата учителка. Поддржувачите на Макрон велат дека овие шеги се женомразечки, и дека никој не би трепнал со око ако разликата во годините – иста како и помеѓу американски претседател Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија – беше обратно.

    Троњо на потсмевот реагира на свој начин и се шегува дека ако сопругот сака да се кандидира за претседател, подобро да го направи тоа веднаш, додека таа сè уште изгледа  претставително.

    „Тој треба да се кандидира во 2017, бидејќи во 2022, неговиот проблем ќе биде моето лице”, цитирана е нејзината изјава на еден пријател во книгата на Никола Присет “Емануел Макрон напредува кон Елисејската палата”.

    Родена како Брижит Троњо на 13 април, 1953, најмлада од шест деца во семејството на богати производители на чоколадо во северниот град Амиен, таа се омажила за еден банкар со кого има три деца. Во 1993, во езуитскиот колеџ каде предава француски и драма, младиот Макрон играл во претстава под нејзин надзор. Следната година, обајцата заедно ја преработија драмата со адаптација за да има повеќе улоги.

    „Малку по малку, целосно ме магепса интелигенцијата на ова младо момче”, изјави Троњо за ТВ Франс 3.

    Како што почнаа гласините за врската, Макрон замина од Амиен за да ја заврши последната година од средното училиште на престижниот Лицеј Анри Четврти во Париз, традиционален расадник за француската елита.

    „Не можете да се ослободите од мене. Јас ќе се вратам и ќе се оженам со вас”, ѝ рекол Макрон на Троњо, според неговите биографи.

    На прашањето за тоа каква улога Троњо ќе игра во Елисејската палата ако тој биде избран, Макрон рече дека во првите недели од неговото претседателствување ќе предложи да се утврди формална, но неплатена улога на првата дама на Франција и дека таа ќе учествува во тоа како ќе се дефинира таа улога.

    „Таа ќе постои, таа таму ќе има глас, мислење за нештата. Таа ќе биде на покрај мене, како што отсекогаш била, но таа исто така ќе има и јавна улога”, рече Макрон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира