НОВИНАРИТЕ НА ВЕСТ И УТРИНСКИ ГО ПОВИКАА ЗВРЛЕВСКИ ДА ИСПИТА ДАЛИ ВЕСНИЦИТЕ СЕ НАМЕРНО УНИШТУВАНИ

    НОВИНАРИТЕ НА ВЕСТ И УТРИНСКИ ГО ПОВИКАА ЗВРЛЕВСКИ ДА ИСПИТА ДАЛИ ВЕСНИЦИТЕ СЕ НАМЕРНО УНИШТУВАНИСамостојниот синдикат на новинари и медиумски работниици најави дека подготвува кривична пријава против непознат сторител за случајот со МПМ, за да се стави крај на праксата на свесно уништување брендови и медиуми и уништување на економскиот и социјалниот статус на новинарите. - Од денешната прес-конференција во ЗНМ (Фото: СДК.МК)

    Новинарите од дневните весници Вест и Утрински весник и од неделникот Теа Модерна, кои од први овој месец веќе не се печатат, јавно побараа Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи, Трудовата Инспекција и Финансиската полиција да влезат во компанијата Медиа Принт Македонија и да го проверат нејзиното целокупно работење. Тие велат дека 120 новинари и други соработници се буквално оставени на улица, без да биде решен нивниот социјален статус, а од друга страна дека компанијата нарочно се уништувај и се турка во стечај.

    „Се обраќаме на јавниот обвинител Марко Зврлевски, на скопската обвинителка Горадана Гешковска, и на јавниот обвинител Златко Биковски од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Бараме да се отвори предистражна постапка, оти е симптоматична исплатата на плата од 25.000 евра на директорката на Медиа принт македонија Јана Станисављева во време кога 120 наши колеги буквално остануваат на улица, и во исто време кога се зборува за лоша финансиска состојба на компанијата. Не станува збор само за исплата на плата, туку и за исплата на дополнителни трошоци од 1,345 милиони денари. Со оглед на тоа дека тоа досега никој не го демантираше, а поминаа повеќе од 48 часа, останува да веруваме дека тоа е вистина. Се сомневаме, а работа е на државниот обвинител да провери дали од МПМ се испумпувани огромни суми на пари“, рече Љубиша Станковиќ, синдикален претставник на вработените од Утрински весник.

    Тој рече дека очекуваат од јавниот обвинител да истражи од каде и се парите на Станисављева да влезе во МПМ со основачки влог од 1,3 милион евра и да стане трет содружник, особено што пред да дојде во МПМ била вработена во државна институција.

    „Сите 120 вработени бараме да влезе Трудовата инспекција да провери каде тоа ние сме вработени, во кои простории и каква е нашата дејност. Производ немаме, она што е наша основна работа, бидејќи Утрински весник веќе не се печати, Вест веќе не се печати, Теа модерна стана подлисток на Дневник. Бараме од УЈП да изврши увид во сите сметки што ги поседува МПМ. Во исто време бараме и финансовата полиција да влезе да ги провери сите финансиски трансакции, да провери дали од таму се испумпувани пари. Дали е тоа така нека утврди јавниот обвинител, имаат можности и начин“, рече Станковиќ.

    Тој објасни дека бараат обвинителот да провери дали МПМ свесно се турка во стечај, и дали ова само е преодна фаза кон ослободување од вишокот луѓе.
    „Кога се презентира лоша финансиска состојба, а во исто време компанијата е и донатор на политичка партија и за тоа веќе СЈО води постапка за половина милион евра, повторно се враќаме на апсурдот со платата на госпоѓата Станисављева. Од една страна вие сте донатор, сами на себе си исплаќате милионски суми денари, а немате пари да ги сервисирате основните работи за кои постои таа фирма, издавање на весници“, рече Станковиќ.

    Ана Антевска, новинар од дневниот весник Вест, рече дека новинарите ден пред да се испечати последниот број на весникот добиле усна информација од секторот за човечки ресурси дека не треба веќе да доаѓаат на работа и дека весник нема да има. Таа објасни дека до денес немаат никаква информација што ќе биде со нив, освен усна информација дека ќе бидат прогласени за технолошки вишок.

    „МПМ ни должи плати за март и април, а веќе осум дена 120 луѓе се без здравствено осигурување. Додека трае постапката за технолошки вишок имаме право на плати и испратнини како технолошки вишок, но од компанијата ни рекоа да бидеме среќни ако ја добиеме и мартовската плата“, рече Антевска.

    Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работниици најави дека подготвува кривична пријава против непознат сторител за случајот со МПМ, за да се стави крај на праксата на свесно уништување брендови и медиуми и уништување на економскиот и социјалниот статус на новинарите.

    „Веќе сме во постапка за кривична пријава за склучување штетни договори, злоупотреба на службената должност, која што свесно ја однесе фирмата во финансиски тешкотии, ги намали платите на новинарите и на крај дојде до затворање на печатените изданија на весниците, а луѓето останаа без работа“, рече Тамара Чаушидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира