Мандатите на градоначалниците се истечени уште на крајот на март и кај што е противзаконско нивното владеење до 15 мај, сега градоначалникот на Скопје Коце Трајановски си бара уште и ново продолжување на мандатот за уште шест месеци, предупредува професорот по управно право Борче Давитковски во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК .
Тој вчерашната прес-конференција на Трајановски како претседател на Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ја оцени како закана врз граѓаните, врз Парламентот и врз Уставниот суд дека ако не им се продолжи мандатот на градоначалниците, од кои мнозинството се од ВМРО-ДПМНЕ, ќе нема плати, струја, вода, гаснење пожари, собирање смет и оти ќе дојде апокалипса.
„Како можеше со едно незаконско правно толкување на Министерството за правда, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС, мандатот на градоначалниците и на советниците да им биде продолжен до 15 мај, кога им истече на крајот на март? Место да излезе и да побара под итно новоизбраниот претседател Талат Џафери да свика седница и да бара Собранието веднаш да распише избори, Трајановски бара ново продолжување на мандатот и уште се заканува ќе немало плати, улично осветлување, склопување бракови, автобусите на ЈСП немало да возат… Па уште и го кажува начинот за како требало со просто мнозинство само да се сменел Изборниот законик за тој и останатите градоначалници од кои две третини се од ВМРО-ДПМНЕ, да продолжат да си владеат со месеци“, реагира Давитковски на вчерашната прес-конференција на претседателот на Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) Коце Трајановски.
Давитковски предупредува дека Коце Трајановски и останатите градоначалници и советници од вторник немаат мандат повеќе. Единствено легално решение во оваа ситуација, вели, е следново:
„Бидејќи ситуацијата е итна, парламентарните партии треба да седнат уште денеска и да се договорат како да се распишат локалните избори во најкусо можно време. Со двотретинско мнозинство го менуваат прво Законот за локална самоуправа за да стават одредба: „Мандатот на градоначалниците и на советниците да трае се до изборот на нови градоначалници и советници“. По ова, претседателот на Собранието веднаш распишува и закажува датум за локални избори. Само ова е легално решение“, укажува професорот Давитковски.
Тој го прашува Трајановски каков е овој ненадеен изблик на загриженост дека ќе немало противпожарна служба, ќе немало плати, вода, ќе немало собирање смет, учениците ќе останеле дома…
„Каде беше Коце овие два месеца кога неговите од ВМРО-ДПМНЕ го блокираа конституирањето на Парламентот и на крајот го истепаа новото парламентарно мнозинство? Зошто не ги предупреди вака како на денешната прес-конференција пратениците од неговата партија многу порано, ако му е толку важно? Можеше и уште порано, кога јас и колегите во декември лани предупредувавме дека мандатот на градоначалниците истекува во март годинава“, реагира Давитковски.
Денеска Уставниот суд се очекува да ги отфрли иницијативите на Министерството за правда и на Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, со кои се бара бришење на членовите од Законот за локална самоуправа со кои се ограничува мандатот на градоначалниците на 4 години и со кои се бара неограничено владеење на сегашните, кои се избрани пред 4 години. Осумтемина уставни судии, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, вчераутро од судијата – известител Елена Гошева добиле предлог двете иницијативи за вечно владеење на градоначалниците да ги отфрлат.
С. К. ДЕЛЕВСКА