Германското министерство за надворешни работи вели дека обвинувањата на претседателот Ѓорге Иванов упатени кон германски дипломати се неумесни во одговорот на вчерашната изјава на Иванов дека германската амбасадорка во Скопје се служела со лажни вести, па канцеларката Ангела Меркел морала да се извинува.
„Се радуваме што претседателот Иванов по долго размислување дојде до вистинска одлука и се откажа од ставот на блокирање. Обвинувањата упатени кон германски дипломати и други пријателски држави се неумесни. Како што е познато, проценките кои ѝ се пренесуваат на земјата-домаќин, секогаш се договараат во тесна координација меѓу Министерството за надворешни работи и Амбасадата“, се вели во одговорот на германското министерство за надворешни работи.
Иванов синоќа ја критикуваше Германија дека нема добри дипломати во Македонија. Тој во интервју за ТВ Нова рече дека канцеларката Ангела Меркел му се извинувала оти амбасадата во Скопје испраќала лажни вести.
„Треба да не загрижи квалитетот на дел од дипломатите во Република Македонија. Амбасадорот на германското министерство се служеше со лажни вести, па Меркел мораше да се извинува за неточни информации кои ги добивала од нивната амбасада. Апелирам до Германија дека вакво ниво на дипломати е навреда за нашата земја. Недозволиво е на лажни информации да темелат соопштение од германска амбасада. Како порано да го дадам мандатот? Со кршење на уставот?“, рече Иванов за ТВ Нова
Тој не кажа во која прилика и кога Меркел му се извинила.