Земјоделците го фрлаат зеленчукот по селските депонии во струмичко оти се ниски откупните цени и нема пласман. Купишта зелки се појавија на депонијата кај населеното место Муртино, каде градинарите секојдевно ги фрлаат и набраните краставици. Велат дека трговците си играат мајтап со нивната мака.
„Срамно е за три денари да го собираш и на крај да ти кажат дека нема да ти го земат. Сме се мачеле и вложиле пари за производството, за да на крај овде да го фрламе. Каде да го носиме, никој не го сака. Биле големи, биле мали, не биле тврди, немало каде да ги извезат. Си играт мајтап со нас“, вели еден земјоделец од Муртино кој не сакаше да се именува, а рече дека со сопругата фрлил повеќе од еден тон зелка.
Од земјоделските здруженија тврдат дека слична е состојбата и по другите села. Собраното производство кое со денови не може да се продаде завршува на локалните депонии. Имало и голем број земјоделци чие производство гние по нивите.
„Не само со зелката, проблем се ниските откупни цени и за кусите краставици кои се претежно за извоз. За нив се нудат по три денари, но нема кој да ги купи. Земјоделците мора да ги исчистат нивите и да засадат друга култура оти од истите немаат ќар“, велат од Сојузот на синдикати на земјоделски производители.
Трговците велат дека традиционалните пазари од поранешна Југославија се презаситени со зелка и краставици и тешко оди освојувањето на нови, каде би можело да се извезува зелката и краставиците од Струмичкиот Регион.
В. ТРАЈКОВ