Полицијата ги разби деминстрантите во центарот на Скопје и сега ги гони по околните улици, јавуваат репортерите на СДК.МК. Неколкумина се приведени. Еден фоторепортер е повреден.
Пред тоа демонстрантите влегоа во демолираната канцеларија на претседателот на државата во центарот на Скопје и го запалија намештајот.
Граѓаните што протестираа против одлуката на претседателот да ги помилува политичарите за кои има предистражна, истражна постапка или правосилна судска одлука се обидоа да го пробијат полицискиот кордон пред Собранието на Македонија, а потоа ја каменуваа канцеларијата за односи со граѓаните на шефот на државата.
Потоа беше каменувано и Министерството за правда. Полицијата се судри со граѓаните кои сакаат да одат да ја демолираат зградата на ВМРО-ДПМНЕ.
Ситуацијата на моменти е тензична. Во првата линија има и полесно повредени, јави Телевизија Телма.
Демонстрантите по неуспешниот обид се упатија повторно кон канцеларијата на претседателот и ја каменуваа. Дуќанот е речиси демолиран.
До кошкање со полицијата дошло кога демонстрантите се обиделе да тргнат кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Другиот протест кој го организираше ГДОМ, што е свикан против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги помилува Зоран Заев и Зоран Верушевски заврши. Демонстрантите си заминаа од пред седиштето на СДСМ и се упатија кон автобусите што беа паркирани спроти хотелот Холидеј Ин.
Полицијата не дава двете групи да дојдат до близок контакт.