ЧЛЕНОВИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ УПЛАЌАЛЕ ПО 30.000 ЕВРА ДНЕВНО ЗА ПАРТИЈАТА, НА 12 СЕКУНДИ ПО ЕДНА УПЛАТНИЦА

    ЧЛЕНОВИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ УПЛАЌАЛЕ ПО 30.000 ЕВРА ДНЕВНО ЗА ПАРТИЈАТА, НА 12 СЕКУНДИ ПО ЕДНА УПЛАТНИЦАСЈО побара замрзнување и на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. - Од партиската прослава на победата на изборите од 11 декември (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и уште осуммина членови на највисокото раководство на партијата, овластени потписници на сметки и двајцата директори на Центарот за комуникации, како што рече обвинителката од Специјалното обвинителство Фатиме Фетаи, осомничени се за перење на речиси пет милиони евра. Истрагата е именувана под кодно име „Талир“ и е за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Уште две лица од високите структури на партијата, се осомничени за помагање.

    Но, претходно Специјалната обвинителка Катица Јанева, најавувајќи ја најновата истрага именувана „Талир“, предупреди дека СЈО не ја сомничи партијата ВМРО-ДПМНЕ за тешкиот финансиски криминал, туку поединци и од раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со лидерот Груевски, кои ја злоупотребиле партијата за незаконско стекнување огромна добивка лично за себе.

    Обвинителката Ленче Ристоска рече дека во 2013 и во 2015 година дневните уплати во просек изнесувале над 30 илјади евра од членството. Во 2014 година просекот на дневната ваква уплата на донации од членови на партијата достигнувал до 22 илјади евра.

    „Голем дел од уплатниците се пополнувани со ист ракопис. Уплаќани се за 12 секунди по уплатница. Тоа се само дел од доказите за основано сомневање дека станува збор за перење пари. Станува збор за 11.886 такви уплатници со кои биле внесени на жиро-сметката на ВМРО-ДПМНЕ 4,9 милиони евра“, објасни Ристоска.

    „Првоосомничениот од периодот 1.01.2009 година до 31.12.2015 година, овозможил финансирање на партијата, спротивно на законот. Неговите мотиви биле исклучиво од лична природа, а биле поврзани со зацврстување на неговата политичка улога и позиција во партијата и во државата. Тој ги прифатил незаконските средства дадени на ВМРО-ДПМНЕ како донација, и место да ги врати во буџетот да бидат искористени за хуманитарни цели, тој ги задржил и со тоа овозможил противзаконски капитал за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Постои основано сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањата“, почна да ја објаснува Фетаи шемата за вртоглавото богатење на партијата на Груевски за тие седум години, токму во периодот на неговото владеење.

    Фетаи рече дека Груевски со парите од кривичното дело што го сторил, формирал група лица која се занимава со перење на пари и заедно со нив, овозможиле овие незаконски стекнати средства преку месните организации на ВМРО-ДПМНЕ да бидат внесени на жиро-сметката на партијата.

    „Внесувањето на средствата било вршено преку готовински уплати, при што во уплатниците биле внесувани неточни податоци и преку злоупотреба на личните податоци на членството на ВМРО-ДПМНЕ, биле вршени уплати на незаконски стекнатите средства, на сметката на партијата. До крајот на 2015 година, со перење пари на сметката нa ВМРО-ДПМНЕ на овој начин биле внесени 4,9 милиони евра“, рече Фетаи.

    Таа објасни како одело натаму прикривањето на овој милионски финансиски криминал од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и групата околу него.

    „Дел од осомничените, со цел да го прикријат незаконското внесување на парите, во регистерот на завршните сметки ги прикажувале како редовни уплати, а потоа дел од овие незаконски стекнати пари, служеле за покривање на обврски што ги преземале овие и други членови на ВМРО-ДПМНЕ. Наведувале разни маркетиншки, кетеринг, хотелски услуги, но купувале и недвижен имот. Така, во периодот од 2009 до крајот на 2015 година, бил склучен 71 договор за купопродажба на недвижен имот, кој бил платен од овие нелегално стекнати пари. Дел од имотот кој што е набавен, не бил во функција за остварување на целите и активностите на партијата“, рече Фетаи и покажа фотографии од станбени комерцијални згради и патишта, на кои, како што нагласи, нема партиски обележја.

    Ристоска рече дека СЈО денеска ќе бара 12 мерки за одземање на нелегално стекнатиот имот, како и за замрзнување само на оној имот на ВМРО-ДПМНЕ, за кој ова обвинителство нашло докази дека е стекнат со кривично дело, меѓу кои е и седиштето на партијата. Притвор нема засега да се бара против ниеден од осомничените, но ако забележат обвинителите што ја водат истрагата „Талир“ промена во однесувањето на сведоците, притвор СЈО ќе побара.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира