Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави уште против три лица учесници во организираниот напад на Собранието на 27 април, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во полицијата, но по сослушувањето Обвинителството ги ослободило.
Едниот од нив е Ј.Ч. (28) од Прилеп, еден од организаторите и познат на јавноста како еден од водачите на патриотските здруженија кој го удирал лидерот на СДСМ Зоран Заев, а другиот е припадник на МВР кој сакал да му го одземе пиштолот на колегата што бил обезбедување на еден од пратениците на мнозинството. За нив се обезбедени видео снимки и направен е фото албум, но Основното јавно обвинителство по разговорот со нив ги ослободило.
Ј.Ч. насилно влегол во Собранието, а во прес салата го туркал и го влечел лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тој него физички го нападнал удирајки го со нога во пределот на стомакот.
Воедно, до Основно јавно обвинителство доставено е и известување кое се однесува во врска со припадникот на МВР М.М. (45) од Охрид, вработен во Единицата за потраги при СВР Скопје. Тој иако бил службено ангажиран за постапување по најавениот протест од граѓанското здружение „За заедничка Македонија“ како физичко обезбедување на протестот, влегол со поголемиот дел од граѓаните учесници на протестот насилно во Собранието. Во моментот кога негов колега што бил ангажиран како телохранител на пратеник од мнозинството го извадил од футрола службениот пиштол и испукал еден проектил во воздух со цел да ја спречи и предупреди толпата, М.М. го фатил за раката при што се обидел насилно да му го одзеде службениот пиштол.
На 20 мај на аеродромот „Александар Велики“ Скопје, фатен е К.Н. (37) од Охрид и задржан е од полицијата. И тој бил учесник на насилните протести.