Владимир Георгиевски, еден од најистакнатите современи македонски сликари и професор на Архитектонскиот факултет, почина денеска во Скопје по тешко боледување. Имаше 75 години.
Последната изложба му беше „Страдањата на Дон Кихот“, која лани на 15 април се отвори во Музејот на град Скопје, а во јуни беше поставена и во театарот „Палас“ во Париз. Изложбата беше дел од големото одбележување на 400 години од смртта на најголемиот шпански писател Мигел де Сервантес.
„Дон Кихот е секој од нас, секој човек оди по сопствeната Голгота, а најчувствителни се креативците. Страдањата на овој познат книжевен лик се страдања на секој уметник, негова лична биографија“, рече тогаш Георгиевски, еден од столбовите на македонската современа уметност.
На оваа изложба тој се повика на цитат од Ерих Фром, и неговата книга, „Да се биде и да се има“, па рече:„Да се биде според Фром, е да се страда, а да се има е нешто материјално, во моментот задоволство. Но, да се биде творечка личноста е вистинска Голгота, тоа значи да се оди кон сопственото распетие“.
Во тој контекст, Георгиевски секогаш беше жесток и отворен критичар на сите општествени неправилности, па и во последниот период сликаше донкихотовци кои се борат со џиновите од „Скопје 2014“. Велеше, секоја вистинска личност, страда на патот кон злото што треба да се победи.
Владимир Георгиевски е роден на 1 јуни, 1942 во Скопје. Во Средното уметничко училиште учел од основоположниците на македонското современо сликарство Лазар Личеноски и Димитар Пандилов. Во 1968 дипломира на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што по две години, во класата на Младен Србиновиќ завршил постдипломски студии. Бил член на Здружението на ликовните уметници на Србија, а потоа се зачленил во Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Беше редовен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Самостојно излшжувал во Рим, Париз, Киев, Виена, Истанбул, Белград и во Скопје. Негови дела се изложени во холот на Факултетот за музичка уметност, во Домот на АРМ. Објавуваше и есеи и размислувања во весници и во списанија.
Деталите за комеморацијата и погребот на Георгиевски ќе бидат накнадно објавени.