Голема експлозија во дипломатската зона во Кабул во средата утринава уби 80 луѓе, додека 350 други се повредени. Целта на нападот, за кој што службените лица рекоа дека бил самоубиствен бомбашки напад со автомобил, засега не е позната, но портпаролот на министерството за јавно здравство, Исмаил Каваси, изјави дека многу од жртвите се цивили, вклучувајќи жени и деца.
Ова е еден од најлошите напади во Кабул оо повлекувањето на странските сили на крајот на 2014 година.
Фотографиите од местото на нападот покажуваат дека германската амбасада и неколку други амбасади кои што се наоѓаат во истата зона биле оштетени во голема мера од експлозијата. Не се знае дали некој од странските дипломати се меѓу жртвите, но Германија и Пакистан рекоа дека неколкумина од вработените на амбасадите биле повредени.
Експлозијата се случила сред работен ден, кога улиците на Кабул биле преполни со сообраќај. Автомобилот бомба детонирал во близина на многу фреквентна крстосница во областа Вазир АКбар Кан, рече портпаролот на Министерството за внатрешни работи.
Населбата се смета како најбезбедната зона во Кабул, во која ѕидови високи 10 метри ги штитат амбасадите и владините канцеларии со полициски и безбедносни сили. Германската амбасада, Министерството за надворешни работи и Претседетелската палата се наоѓаат во истата зона, како и Британската и Канадската амбасада. Кинеската, Турската и Иранската амбасада, исто така, се наоѓаат тука.
Снимки од локалните телевизии прикажаа жители прелиени со крв како ги носат во болници. Минувачи застануваа и им помагаа на повредените со своите коли, додека многу луѓе се собраа надвор од Болницата за итни случаи.
Ниту една група засега не презеде одговорност за нападот. И Талибанците и Исламската држава спроведувале големи напади во Кабул во минатото.
Талибанците подоцна објавија соопштение негирајќи било какво вмешаност во бомбардирањата и осудувајќи ги сите видови напади врз граѓаните. Портпаролот на Талибанците изјави дека експлозијата „немала никакви врски со Муџахедините на Исламските Емирати“, како што се нарекуваат себеси Талибанците.
Претседателот на Авганистан, Ашраф Гани исто така го осуди нападот, кој се случи токму во почетокот на светиот месец Рамазан. „Терористите, дури и во светиот месец Рамазан, месец на добрината, благословот и молбата, не прекинуваат со убивањата на нашите невини граѓани“.
Малку по експлозијата, сите улици на Вазир Акбар Кан беа блокирани од страна на Авганистанските безбедносни сили и хеликоптери се распоредени низ населбата.