Премиерот Зоран Заев кажа дека довчерашниот министер за надворешни работи Никола Попоски ќе биде добар лидер на ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред да биде избрана новата влада. Пред гласањето во Собранието, премиерот Заев им одговараше на дискутантите, кои изминативе два дена даваа забелешки на неговото експозе.
„Се надевам дека согласно конструктивната дискусија, ќе бидете добар лидер на ВМРО-ДПМНЕ“, му кажа Заев на Попоски.
Попоски имаше збор меѓу последните дискутанти и кажа дека ќе бидат конструктивна опозиција.
„Очекуваме резултати какви што ветивте. Сакам да ви порачам дека ќе бидеме тука за предлози и сугестии за подобро општество. Но, нема да бидеме тука за темните страни. Сега покажавте дека сте склон кон закани, за секој кој не мисли како вас. Јас сметам дека ова е момент на тест и за тоа како ќе се однесувате во иднина, а јас сакам да се однесувате поинаку“, рече Попоски од собраниската говорница.
Претходно, на новинарско прашање на прес-конференција во МНР дали ќе го наследи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Попоски одговори дека „тоа се главно политички мотивирани информации или шпекулации, со цел да се создаде слика на едно неединство во партијата“