Сојузот на сите Здруженија на дијабетичари во Македонија денес побара од новиот министер за здравство Арбен Таравари што е можно поскоро да ги повика на заеднички состанок за да му ги кажат проблемите со кои се соочуваат дијабетичарите во Македонија.
„Искрено се надеваме дека ќе покажете многу поголемо разбирање за проблемите на лицата со дијабетес и многу повеќе човечност и хуманост од вашиот претходник, дека ќе не почитувате пред се како луѓе и нема да не третирате само како бројка (180.000 граѓани во државата имаат дијабетес, а од нив дури 40.000 се на инсулинска терапија). Веруваме дека вам не треба да ви објаснуваме со кои се проблеми се соочуваат овие граѓани. Затоа љубезно ве молиме да не повикате на заеднички состанок што е можно поскоро со цел да ви ги изложиме сите проблеми поврзани со инсулинската терапија со кои се соочуваме изминативе 3-4 години и кои произлегоа од несовесното и нечовечно третирање на претходниот министер на лицата со дијабетес“, стои во писмото што Сојузот денес му го испрати на Таравари.