Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека извештајот на работната група за настаните во Собранието на 27 април, формирана од неговиот претходник Агим Нухиу, е готов и денеска ќе биде доставен до Основното јавно обвинителство. На денешната прес конференција, Спасовски рече дека извештајот е класифициран и не може да открива детали и имиња, но кажа дека поради партизираноста, МВР паднало на испитот на 27 април и не биле извршувани надлежностите утврдени со Устав и закон.
„Без расчистување на овој случај и без санкции за одговорните, МВР нема да може да функционира. Извештајот на работната група е класифициран и јас како министер не можам да носам заклучоци и да судам надвор од институции“, изјави Спасовски.
Министерот потврди дека досега се сослушани 180 лица од МВР, суспендирани се 23-ца и за 45-мина се покренати дисциплински постапки.
Спасовски кажа и дека извештајот се однесува на севкупните случувања во и надвор од објектот на Собранието.