Или референдум или протести, се заканија активистите од „Спас за Валандово“ кои ги собраа потребните потписи за распишување референдум против рудникот Казандол и ги доставија до локалните власти. Тие побараа од претседателката на Советот на Општина Валандово Јасмина Сечкова до 12 јуни да свика седница за утврдување на термин за распишување на референдумот
„Под изговор дека нема правник во моментот во Општината не сакаа да ја примат нашата иницијатива поткрепена со 2.213 потписи, но по неколку минути убедување, сами нѐ викнаа и го примија барањето. Сакаме референдумот да се одржи на 9 јули со две прашања: „За или против продолжување со работа на рударскиот комплекс Казандол“ и „За или против отварање рудници во општина Валандово“. Ако до 12 јуни не биде свикана седница како граѓанска иницијатива ќе пристапиме кон радикални чекори односно ќе одржуваме секојдневни блокади и протести на крстосницата Валандово-Пирава-Миравци, сѐ додека Советот не свика седница и не донесе одлука за референдум“, вели Симона Гетева од „Спас за Валандово“.
Валандово е единствената Општина чиј Совет не донесе одлука за референдум, па граѓаните беа приморани да собираат потписи за изјаснување против рудникот Казандол, за чија работа в недела жителите на Богданци ќе се изјаснуваат на 12 избирачки места, а на 18 јуни на референдум одат и жителите на Општина Дојран.
В. ТРАЈКОВ