Американскиот амбасадор Џес Бејли во националниот парк Пелистер промовираше ново меморијално обележје поставено на на историската патека посветена на Првата светска војна. Со ова се одбележа стогодишнината од вклучувањето на САД во Првата светска војна и се чествуваше помошта што американските хуманисти му ја пружиле на цивилното население во Битола .
„Првата светска војна освен по ужасите ја познаваме и по првите хуманитарни движења.. Присуството на САД во Битола за време на војната не беше со војници, туку со лица кои обезбедија помош за цивилното население. Го славиме Црвениот крст и ги чествуваме жените кои ја воделе Американската женска болница во Битола, а тоа беа Реџина Флод Киз и Френсис Мејбл Флод. Болницата третирала над 3000 пациенти и имала репутација на најдобра болница во овој крај. Ги славиме и жените кои беа тука пред војната, како Мери Метрујс мисионерка, таа отворила школо во Битола и му помагала на целото население. Го славиме доктор Едвард Рајан кој го предводел Американскиот црвен крст и индустријалецот Џон Фротингам кој обезбедил засолништа за за беспомошни деца, за болни и сираци од Битолскиот регион. Овие граѓани го презентираа најдоброто од Америка“, рече Бејли.
Осврнувајќи се на Првата светска војна, амбасадорот истакна дека тоа бил почетокот на зближувањето на САД и Европа и продлабочувањето на нивните односи. Исткна дека неговиот дедо и стрико во Првата светска војна се бореле во Западна Франција, а таткото на неговата сопруга за време на Втората светска војна. За себе рече дека имал можност во мир во 1976 година да отиде како студент на размена во Франција благодарение на партнерството и трансатланската соработка.
Патеката посветена на Првата светска војна беше пуштена во употреба пред десетина години и минува на дел од локациите каде во минатото се војувало.
Ж.ЗДРАВКОВСКА