Американските докторки Реџина Флод Киз, која била хирург, и нејзината братучеда Френсис Мејбл Флод во Битола ја отвориле Американската женска болница веднаш по Првата светска војна, а локалното население ги нарекло жени ангели. Пожртвувано ги лекувале битолчани од епидемии на грип, тифус, маларија, повреди од бомби и други последици од војната, па дури и од венерични болести.
Нивните имиња заслужно се запишаа на информативна табла на историската патека посветена на Првата светска војна на Пелистер, по повод стогодишнината од приклучувањето на САД во Првата светска војна.
„Кога се дозволило во Американскиот црвен крст да учествуваат и жени, тие биле меѓу првите што се јавиле од Америка и дошле да помогнат на Балканот. Прво стигнале позади борбената линија на Македонскиот фронт, во Воден. По пробивот на фронтот, дошле во Битола и ја отвориле Американската болница, а истовремено отвориле и диспанзер за да можат покрај ранетите и болните војници, да му помагаат и на населението“, вели историчарката Верица Јосимовска, професор на Универизитетот во Штип.
Жените потекнувале од лекарски семејства и имале завршено лекарски школи. Не случајно дошле да помогнат во Битола, зашто во војната по француски Верден ова бил најбомбардираниот град во Европа. Била разрушена , владееле епидемии, страшни болести, населението се соочило со глад, сиромаштија, вошки, а имало многу сирачиња.
Болницата им влеала надеж на преживеаните дека не се сами и дека има каде да побараат помош. Била отворена во зграда на поранешно училиште во непосредна близина на Саат кулата. Објектот подоцна бил урнат и за жал, не е сочуван до денес.
„Реџина била хирург и управител на болницата , а Френсис ѝ била братучетка. Со медицинската помош постигнале голем успех, се труделе да биде лекувањето по стандарди, но колку тоа било можно кога прегледувале по неколку стотици пациенти дневно“, вели Јосимовска.
Покрај болницата која имала 65 кревети, отвориле и амбуланта во која месечно биле прегледувани и до 3.000 пациенти, претежно жени и деца. Тимот во кој покрај двете докторки имало и две медицински сестри и неколку локални асистенти, работел во многу тешки услови без греење и со многу малку храна, но не им недостигала храброст. Ја воделе болницата за време на епидемијата на грип во 1918 и на епидемијата на тифус 1919, а го учеле и локалното население на основна медицинска нега.
Спасиле стотици битолчани, а за жал докторката Френсис Мејбл Флод починала три години по враќањето во САД од компликација при операција на слепо црево. Нема подетални информации каде завршил животот другата докторка. Но, двете жени постхумно биле одликувани со медали и почестени од владите на Србија, Франција и САД.
Освен овие големи хуманитарки и други американски граѓани ги понудиле своите услуги, пари, храна, облека, медицински персонал и материјали за помош на Битола. Така на информативната табла се запишани и имњата на доктор Едвард Рајан, кој помагал за време на бомбардирањата во Битола, како и на Џон Фротингам, хуманист и филантроп кој обезбедил засолниште за беспомошни деца и сираци кои ги пренесувал и школувал во згрижувачки дом во Франција.
На промоцијата на меморијалното обележје присуствуваше и американскиот амбасадор Џес Бејли, кој рече дека САД не била присутна во Битола со војка, туку со хумани луѓе кои го презентирале најдоброто од Америка.
Ж. ЗДРАВКОВСКА