Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков пред малку дојде на распит во Специјалното јавно обвинителство. Против Мијалков, СЈО досега има отворено три истраги. Тој е осомничен во случајот „Таргет“ за масовно незаконско прислушување на граѓани, политичари, новинари и бизнисмени во УБК. Осомничен е и во случајот “Трезор“, како и во случајот „Тортура“. Од СЈО не откриваат за кој случај и во кое својство е денеска на распит Мијалков.
На прес-конференцијата за „Трезор“ на 28 септември минатата година, СЈО соопшти дека покренало истражна постапка против три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР, кои се сомничат дека прибавиле имотна корист за правно лице регистрирано како „Финзи“ во вкупен износ од над 53 милиони денари, или над 862.000 евра. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека станува збор за основано сомнение дека пари од буџетот преку злоупотреба на функции и злоупотреба на буџетот се искористени за лично богатење.
На трети ноември Мијалков дојде на распит во Основниот суд Скопје 1. СЈО побара мерка одземање на неговата патна исправа, но судија на претходна постапка го одби барањето.
Против ексдиректорот на Управата е отворена и истрагата „Тортура“, случај кој се однесува на бруталното апсење и изживување врз лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски. На 4 ноември минатата година, Мијалков дојде за овој случај на распит во СЈО, но не даде изјава пред новинарите.
Бошкоски ја отслужи затворската казна за незаконско финансирање на изборната кампања во 2011, но СЈО поведе постапка за тортура и нечовечно и понижувачко постапување при неговото лишување од слобода. Во „Тортура“, случај презентиран од СЈО на 28 март минатата година, има шестмина осомничени.
Покрај Мијалков, осомничен е и командирот на полициската единица „Алфи“ Ивица Антевски – Пуки.
Единствено за Мијалков СЈО не бараше притвор или други мерки за претпазливост со образложение дека не постои опасност од бегство, а за другите шестмина осомничени кои се вработени во Министерството за внатрешни работи беше поднесен предлог за определување забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Бошкоски беше уапсен на 6 јуни 2011 година, еден ден по изборите.
С. К. ДЕЛЕВСКА