Владата ја назначи Сања Лукаревска за директорка на Управата за јавни приходи на денешната седница на која се расправаше за кадровски решенија. 34-годишната Лукаревска, која е дипломиран правник и вработена во Управата за јавни приходи, не е многу позната во јавноста.
Член е на Извршниот одбор на СДСМ и беше кандидат за пратеник на СДСМ во првата изборна единица на изборите на 11 декември минатата година, но не влезе во Собранието. Беше и активист на Шарената револуција и држеше говори на многу протести низ целата земја. Ќерка е на актерот Ѓокица Лукаревски.
Во УЈП доаѓа на местото на Анастасија Илиевска, која на позицијата се задржа нешто помалку од една година.