Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан денеска ќе присуствува на владина седница за Итните реформски приоритети, а преходно ќе има тет-а-тет средба со премиерот Зоран Заев. Хан ќе има и одделна средба со владина делегација составена од министрите Радмила Шеќеринска и Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи, а според најавите еврокомесарот ќе се сретне и со опозицијата.
„Земјата конечно ја надмина политичката криза со континуирана поддршка од ЕУ преку добро спроведени избори и формирање нова влада. Сега новата влада, заедно со опозицијата, треба да се фокусира на имплементирање на Итните реформски приоритети и Договорот од Пржино за да ја врати земјата на патот на ЕУ интеграциите. Реформите мора да се спроведат за да се подобрат животите на граѓаните, да се работи на стабилност, просперитет и правда“, објави Хан на Твитер пред посетата.
По владината седница, Хан и Заев ќе имаат заедничка прес-конференција.
Утре во Скопје ќе биде и германскиот експерт Рајнхард Прибе, од чиј извештај со препораки од 2015 година произлегуваат Итните реформски приоритети. Прибе, кој пристигна во Македонија во петокот и беше на Летната школа за правници во Охрид, ќе остане во земјата и во наредните неколку дена да ја советува владата околу спроведувањето на Итните реформски приоритети.
На средбата со невладините организации во петокот, премиерот Заев најави дека Владата подготвува акциски план за евроинтеграции кој што ќе му биде претставен на еврокомесарот Хан за време на денешната посета.