ПАЃААТ ЦИГЛИ ОД СОГОЛЕНАТА ФАСАДА НА „ПЕЛАГОНИЈА“, ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ БАРА НОВ ИЗВЕДУВАЧ НА БАРОКОТ

    ПАЃААТ ЦИГЛИ ОД СОГОЛЕНАТА ФАСАДА НА „ПЕЛАГОНИЈА“, ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ БАРА НОВ ИЗВЕДУВАЧ НА БАРОКОТ„Билдинг солушн“ и „Масон инженеринг“ за доградба на зградата во делот околу влезот и за преслекување во барок од Град Скопје требаше да добијат 1,9 милиони евра. Според договорот склучен во април 2015, конзорциумот требаше целосно да го смени ликот на зградата во рок од 12 месеци, но и по 26 месеци рефасадирањето не е завршено (Фото: СДК.МК)

    Парчиња цигли паѓаат од извадената фасада на зградата „Пелагонија“ во најстрогиот центар на Скопје. Градежната фирма изведувач откако ја извади старата фасада, си ги собрала скелињата и заминала, а зад себе ја оставила соголената фасада од страната на семкарницата „Зуко“ на улицата 11 Октомври, непосредно до Порта Македонија. Дуќанџиите велат дека со страв се доближуваат до зградата оти од фасадата висат цигли и бетон, а се случува парчиња и да паднат на тротоарот.

    „Билдинг солушн“ и „Масон инженеринг“ за доградба на зградата во делот околу влезот и за преслекување во барок од Град Скопје требаше да добијат 1,9 милиони евра. Според договорот склучен во април, 2015, конзорциумот требаше целосно да го смени ликот на зградата во рок од 12 месеци, но и по 26 месеци рефасадирањето не е завршено.

    Градските власти објаснуваат дека изведувачот се повлекол од зградата бидејќи му го раскинале договорот.

    Од Град Скопје не кажуваат колку пари досега се потрошени за барокот на „Пелагонија“ и уште колку треба да се одвојат за довршување на фасадирањето (Фото: СДК.МК)

    „Град Скопје, поради непочитување на стандардите и роковите предвидени во договорот за реконструкција на фасадата кај Пелегонија, го раскина договорот со конзорциумот составен од ЛСГ ’Билдинг солушн’ Дооел Скопје и ’Масон Инженеринг’ Дооел Скопје и поведена е постапка за издавање на негативна референца кај Бирото за јавни набавки и активирање на банкарската гаранција. Град Скопје ќе распише нов јавен повик за избор на изведувач на реконструктивните зафати на оваа фасада“, вели Град Скопје.

    Од Градот не кажуваат колку пари досега се потрошени за барокот на „Пелагонија“ и уште колку треба да се одвојат за довршување на фасадирањето.

    Објаснување за доцнењето од фирмите изведувачи нема. На нивните фиксни телефонски броеви никој не одговара.

    „Билдинг солушн“ освен од Град Скопје, пари за реализација на проектот „Скопје 2014“ доби и од Министерството за финансии. Оваа компанија за 15,5 милиони евра ја догради поранешна „Југобанка“ во која сега е сместено Министерсвото за финансии.

    Барокот за зградата „Пелагонија“ Град Скопје го претстави во 2014 година, кога беа објавени идејните решенија за реконструкција на фасадите на дел од зградите околу Плоштад Македонија, меѓу кои беше и оваа. Автори на идејното решение се Лазар Димов и Никола Стакинов, чии потписи стојат и на многу други објекти од проектот „Скопје 2014“. Подоцна во преслекувањето со барок на „Пелагонија“ се вклучи и компанијата „Др. Пановски“, во чија сопственост е објектот. Компанијата на Градот, без надомест, му предаде нов проект за реконструкцијата, дело на „Градежен институт Македонија“ кој беше усвоен и од Советот на Скопје.

    Првиот обид за барок на оваа зграда Град Скопје го направи во 2011, кога на оглас побара идејно решение, но огласот беше неуспешен оти никој не се јави да нацрта барокна фасада за овој објект. Авторите Лазар Димов и Никола Стакинов беа избрани во 2014 година, на повторениот оглас.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира