Купишта ѓубре, пластика, стар мебел, градежен шут се трупа на дива депонија во срцето на националниот парк Галичица, на само стотина метри над управната зграда на јавното претпријатие за управување со националниот парк „Галичица“, објави денеска еко здружението Охрид СОС.
Фотографиите од отпадот, меѓу кои и на мртво куче оставено под дрво во кутија покриена со платно, што ги објави на својата фејсбук страница Охрид СОС ги снимил охриѓанец при рекреативна прошетка.
„Не е новост, не е ова отсега, со години се акумулира, а реакции и санкции нема. Ова е огледало на несовесните жители на Охрид, на непочитување на околината, себичноста, загадувањето. Упатуваме молба до службите на Охридски Комуналец и националниот парк, до Општина Охрид, да се исчисти ова ѓубре, ако треба ќе учествуваат и граѓаните, а дополнително, да се напарават напори и за казнување на ваквите практики. Наместо да се гордееме со природата, ние ја третираме како депонија за работи кои не ни се потребни“, алармираат од Охрид СОС, а на својата фејсбук страна поставиле и гугл мапа од депонијата на Галичица.
Д. ЧУБРИЌ