Четири екипи од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од вчера се во Охрид, ги испитуваат оштетувањата од земјотресите и собираат и податоци за движењето на тлото.
„Наши екипи првенствено ги проверуваат градинките за да направат проценка дали се безбедни. Тоа го прават заедно со претставници од Центарот за управување со кризи и од Општина Охрид. Има само еден случај, градинка во која е утврдено паѓање малтер од надворешна страна, па препораката е децата да не излегуваат во тој дел од градинката. Земјотрес со магнитуда 5 не треба да направи оштетувања, доколку градбата е според важечките прописи и генерално во Охрид нема поголеми оштетувања од она што досега е проверено“, вели Михаил Гаревски, директор на ИЗИИС.
Во текот на ноќта, Сеизмолошките опсерватории регистрираа повеќе од десет нови земјотреси во Охрид. Гаревски вели дека охридското епицентрално подрачје во моментов е најактивно во Европа.
„Ваков вид земјотреси се нарекуваат роеви оти ги има многу, а охридското подрачје во моментов доминира во Европа со најсилна активност. Роеви земјотреси се јавуваат вообичаено како афтершокови на некој поголем земјотрес. По минатогодишниот силен земјотрес во Италија, регистрирани се уште 4-5.000 земјотреси. Ние во Италија имаме седум инструменти за мерење на активноста кои покажуваат дека се смирува тлото. Охрид сега е далеку поактивен од Италија“, вели директорот Гаревски.
Тие вчера поставиле инструменти за собирање податоци за потресите и во охридско, на две локации. Инструментите го мерат забрзувањето на тлото во три правци и со нив треба да се обезбедат дигитални записи за движењето, траењето, фреквенциите и слично.
Во однос на паниката што се шири за поврзаноста на Косел со земјотресите, Гаревски вели дека е сосема непотребна.
„Косел е толку неинтересен што таму ние немаме што да испитуваме. Го нарековме вулкан, но во Македонија активни вулкани нема. Тоа е геотермална локација поврзана со охридските раседи, исто како оние во Дебар на пример. Има манифестации што се повторуваат кои се резултат на сулфурно испарување“, објасни Гаревски.
Екипите на ИЗИИС ќе останат во Охрид уште неколку дена. Тие прават мини обука на локалните претставници од општината за тоа како да препознаат оштетувања на објектите поради кои би можела да биде загрозена безбедноста на граѓаните.