Воениот камп во Охрид ги отвора вратите за граѓаните вознемирени од серијата земјотреси, соопшти утрово министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на својот фејсбук профил.
„Министерството за одбрана ги известува граѓаните кои имаат штета од досегашните потреси и чувствуваат потреба да се засолнат во воениот камп во Свети Наум додека земјата во Охрид не се смири, дека вратите на кампот се отворени. На овој начин одговоривме на повиците на граѓаните упатени преку социјaлните мрежи, да се отворат вратите на воениот камп, бидејќи таму граѓаните би се чувствувале побезбедни. Пријавите за сместување во кампот може да се направат на телефонскиот број 070 403 392. Лице за контакт – Ристе Спасовски, раководител на секторот за услуги, туризам, одржување и возен парк во МО“, објави Шеќеринска.
Пет земјотреси со умерен до посилен интензитет се почувствуваа во текот на ноќта во Охридскиот регион. Најсилниот, од 4,1 степен според Рихтер беше регистриран 5 минути по полноќ. Последниот, регистриран утринава во 6 часот и 29 минути беше со интензитет од 3,8 степени.
Фактички, земјата во Охридско се тресеше цела ноќ. Другите три земјотреса помеѓу најсилните беа во 1.16, 1.37 и 3.02 часот, во распон од 2.9 до 3.2 степени.
Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС ) Михаил Гаревски вели дека во моментов Охридското епицентрално подрачје е најактивно во Европа.