ОПШТИНА ТЕТОВО ЌЕ ГО ВРАЌА ВО ЖИВОТ ИСУШЕНИОТ ЕКОБИЛБОРД, СЕ СУШИ И ТОЈ ВО СКОПЈЕ ОТИ НЕ СЕ НАВОДНУВА РЕДОВНО

    ОПШТИНА ТЕТОВО ЌЕ ГО ВРАЌА ВО ЖИВОТ ИСУШЕНИОТ ЕКОБИЛБОРД, СЕ СУШИ И ТОЈ ВО СКОПЈЕ ОТИ НЕ СЕ НАВОДНУВА РЕДОВНООбата екобилборди, и тој во Тетово и тој во Скопје, се сушат оти на горештините не се наводнуваат доволно (Фото: СДК.МК)

    Општина Тетово вели дека испитува зошто се суши екобилбордот, наречен Градско дрво, еколошка инсталација составена од различни мовови и други специфични растенија што имаше за цел да придонесе за прочистување на воздухот во градот. Градското дрво има способност да го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и има ист ефект како 275 дрвја. Но, по нешто повеќе од три месеци откако е поставено во центарот на Тетово како донација од Германија вредна 25.000 евра, тоа почна да се суши.

    Ние имаме обврска како Општина да се грижиме само за повремено наводнување на градското дрво. Неодамна констатиравме дека дел од дрвото почнува да се суши, но не ја знаеме причината за тоа. Сепак, нарачавме да се сменат исушените садници и да се стават нови. Ги нарачавме пред два дена и чекаме да пристигнат во текот на оваа или наредната недела“, изјави Арменд Фазлиу од канцеларијата за односи со јавноста на Општина Тетово.

    Грижата за одржување на градското дрво ја има Јавното комунално претпријатие од Тетово. Од таму велат дека тие редовно се грижат и го наводнуваат дрвото.

    Дрвото го наводнуваме ние и од противпожарната едниница. Дотураме вода секои две до три недели. Инсталацијата има и електронски аларм кој се огласува секогаш кога нивото на водата во резерварот ќе падне и ние тогаш интервенираме. Не знаеме зошто дрвото се суши, дали е поради високите температури или поради нешто друго, за тоа ќе мора заедно да видиме со организацијата од Скопје преку која овој екобилборд беше дониран“, вели Џелал Цека, директорот на ЈКП Тетово.

    Градското дрво е донација од Владата на Германија и неколку домашни донатори, а реализатор на оваа донација е невладината „Еко свест“ од Скопје. Освен во Тетово вакво градско дрво беше посадено и во Скопје.

    Денеска бевме во Тетово и на лице место се запознавме со состојбата. Можам да кажам дека состојбата не е толку алармантна како што е прикажана. Состојбата на градското дрво во Скопје е далеку потешка. Во Тетово растенијата не се мртви но имаше проблем со нивното наводнување, односно имаше недостаток на вода. Станува збор за три вида растенија кои работат во симбиоза и за нас е важно што сите тие се живи, односно не се сосем овенати. Од предната страна имаме две вертикали со растенија кои се суви, но мовот не е сув а тој е главниот пречистувач на воздухот, туку се суши второто растение кое го прекрива мовот и го штити. Во моментот кога бевме таму дрвото се наводнуваше. Од северната страна кон Домот на Културата, тоа е во многу подобра состојба и тука се забележува дека растенијата цветаат. При посетата, исто така забележавме дека од предната страна недостасуваат околу дваесетина садници кои некој најверојатно ги зел, а од задната страна имаше неколку садници кои беа оштетени и напола искорнати, најверојатно при обид да се извлечат од дрвото односно билбордот. Општина Тетово прифати дрвото да се врати во првобитната состојба и ние очекуваме тоа наскоро да се санира со нови садници. За разлика од ова, дрвото во Скопје е во многу потешка состојба. И овде беше проблемот со наводнувањето, но најверојатно и високите температури кои беа во изминатиов период сигурно влијаеле врз ваквата состојба“, изјави Стојан Лешоски од од невладината организација Еко свест “.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира