БИТОЛСКОТО КИНО „МАНАКИ“ ЌЕ НЕМА ФИЛМОВИ УШТЕ ЕДНА ГОДИНА

    БИТОЛСКОТО КИНО „МАНАКИ“ ЌЕ НЕМА ФИЛМОВИ УШТЕ ЕДНА ГОДИНАКино Манаки се гради 4 години, а пуштањето ќе доцни уште една година; - гледалиштето во кино салата уште се гради (Фото: СДК.МК)

    Киното „Манаки“ кое се гради повеќе од четири години нема да биде ставено во функција ни за годинaшното издание на интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“, што во септември ќе се одржи во Битола. Битолскиот градоаначалник Владимир Талески при денешната посета на киното рече дека преамбициозно е да се очекува дека ќе проработи до септмеври. Беше најавено дека ќе им треБаат уште шест до осум месеци за да го пуштат во употреба.

    Кино салата уште се работи (Фото. СДК.МК)

    „Сега сме пред избор на мебелот, актустиката да се среди, да се набават специјални столици, опремата, сега тоа го истражуваме и ја испитуваме можност со прекугранична соработка ако успееме да добиеме една таква опрема. За десетина дена ќе знаеме точно. Но, за овој фестивал нема да стигнеме целосно да го завршиме објект,  зашто е во септември, тоа е пребрзо и преамбициозно би било, но за следниот фестивал ќе има проекции и тука“, рече Талески.

    Градбата е во завршна фаза, но внатрешниот дел сака уште многу работа. Денес вратите од киното за првпат беа отворени за новинарите да влезат внатре. Салата за проекции, која треба да собере 120 гледачи, сѐ уште  е празна, на подот има само бетонирани скали, околни бели ѕидови и изолација. Нема мебел, внатрешни врати, каблите за струја висат по ѕидовите.

    Киното „Манаки“ на битолски Широк Сокак, објект на два ката, вреден 700.000 евра се гради четири години, а доградбата на киното сега е внесена во развојната програма на Битола за следните три години (Фото: СДК.МК)

    Целата инвестиција за киното ќе чини 700.000 евра, а изградбата ќе се издолжи цела година од претходно планираниот рок. Кога почна да се гради киното „Манаки“ во март 2013,  Талески најави дека ќе биде готово до крајот на неговиот мандат, кој реално требаше да истече пролетва.

    „До крајот на следниот мандат можеби и порано ќе биде завршено и ќе биде ставено во функција. Киното Манаки покрај тоа што ќе го задржи оригиналниот изглед на фасадата и целиот надворешен дел, кој мораме да го задржиме заради почитување на историскиот дел и вредноста на архитектурата од тој период, а внатре ќе се инсталира најсовремена опрема“, рече тогаш Талески.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира