ЗАБРАНАТА ЗА ГРАДЕЖНИ РАБОТИ НЕ ВАЖИ ЗА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН, НИКОЈ НЕ ОДГОВАРА НА ТЕЛЕФОНИТЕ ЗА ПОПЛАКИ

    ЗАБРАНАТА ЗА ГРАДЕЖНИ РАБОТИ НЕ ВАЖИ ЗА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН, НИКОЈ НЕ ОДГОВАРА НА ТЕЛЕФОНИТЕ ЗА ПОПЛАКИГрадежни работници од градилиштето на нелегалниот хотел во Лагадин со часови го демонтираа скелето на објектот и покрај забраната за секаков вид градежни активности од 1 јули до 31 август, донесена од Советот на Охрид (Фото: Охрид СОС)

    Охриѓани и туристите нема кому да се пожалат оти градежни работници од градилиштето на нелегалниот хотел во Лагадин ги вознемируваат. Градежниците со часови го демонтираа скелето на објектот и покрај забраната за секаков вид градежни активности од 1 јули до 31 август, донесена од Советот на Охрид.

    Сите телефонски броеви на кои што може да пријават градежни активности функционираат, но никој не крева слушалка.

    „На официјалната интернет страница на Општина Охрид се поставени броеви каде што може да се пријават градежни активности и бучава која нѐ вознемирува. Цел ден вртиме никој не крева слушалка. Никој не одговара на телефонскиот број на Државниот инспекторат за транспорт и врски Охрид 046/226-681. Телефонот само ѕвони и на 046/262-469 кај градоначалникот, нема одговор ниту на бројот на Охридски комуналец 046/256-353“, велат охриѓани кои утрово се обидувале да ги пријават градежните активности на нелегалниот хотел.

    „На телефонот 046 262 469 службеник ми дигна слушалка и ми рече дека градежниот инспекторат нема телефони и дека може да ми дадат број од архива, за да се договорам кога да одам да пријавам, па тие ќе пренеле. А работниците ни велат дека нив им рекле да си тераат“, вели охриѓанец.

    На сајтот на Општина Охрид нема контакт форма за жалби и поплаки.

    Општина Охрид, ниту пак споменатите институции не одговорија ниту на обидите на САКАМДАКАЖАМ.МК  за контакт со нив.

    За активностите на градилиштето на хотелот денес реагираа и од граѓанското здружение „Охрид СОС“.

    „Инвеститорот покрај сите други прекршувања на законите, почна повторно да гради, вчера, на 12 јули 2017 година во сезона кога е тоа забрането. Си донел и механизација, си донел и работници од Албанија, кои наводно не зборуваат македонски и не разбираат дека се вмешани во криминална активност. Навистина е време за отстранување на незаконската градба. Очигледно е дека инвеститорот нема намера да престане сѐ додека објектот постои. Апелираме до институциите да покажат дека владее правото во РМ, а не урбаната мафија“, велат од „Охрид СОС“.

    Од здружението уште еднаш ги повикаа Општина Охрид, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерстото за внатрешни работи во рамки на нивните ингеренции да постапат и да ја спречат изградбата на хотелот.

    Д. ЧУБРИЌ

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира