МАЛОЛЕТНИЦИ РАБОТАТ ПО 12 ЧАСА НА ДИВО, ТРУДОВАТА ИНСПЕКЦИЈА НЕ ГЛЕДА, ВЕЛАТ АКТИВИСТИ ОД БИТОЛА 

    МАЛОЛЕТНИЦИ РАБОТАТ ПО 12 ЧАСА НА ДИВО, ТРУДОВАТА ИНСПЕКЦИЈА НЕ ГЛЕДА, ВЕЛАТ АКТИВИСТИ ОД БИТОЛА Има малолетни лица од 15 до 17 години, а се експлоатирани така што работат по 12 до 14 часа, а им е платена помала дневница, не се осигурани на цело работно време, туку на неколку часа, ова е најчесто во угостителството, велат битолските активисти (Фото: СДК.МК)

    Во угостителски објекти работат малолетни лица по 12 часа дневно, а се пријавени и плаќани на скратено работно време. Летово, на 40 степени Целзиусови, работници во битолски фирми работеле во неклимиатизирани простории или им биле исклучувани клима уредите заради заштеда. На други не им бил даден годишен одмор иако потпишале дека го искористиле. Вакви примери на прекршување на работничките права беа посочени на трибината за подигање на свеста за работничките права меѓу младите лица до 29 години одржана во Битола. На неа учествуваа повеќе младински, НВОи социјални активисти кои истакнаа лични примери и податоци од истражувања во кои беа вклучени работници од Битола.

    „Во овие месеци е актуелно тоа што има луѓе со здравствени проблеми на работни места поради несоодветни работни услови, значи неклиматизирани простории. Фокусирани сме на фабрики каде Брзата помош оди по повеќе пати во смена да им пружи лекарска помош на вработените.  Понатаму, некои останаа без годишен одмор или тој се пишува како да е даден, а работникот оди на работа“, вели Ивана Атанасовска, коодинатор на проектот и стипендист на ЛЕАД МК програмата.

    Летово, на 40 степени Целзиусови, работници во битолски фирми работеле во неклиматизирани простории или им биле исклучувани клима уредите заради заштеда, рекоа активистите на трибината за подигање на свеста за работничките права меѓу младите лица до 29 години, одржана во Битола (Фото: СДК.МК)

    На трибината беше истакнато дека во некои угостителски објекти се случува експлоатација на малолетни лица, а Законот за работни односи доволува под одредени околности да бидат работно ангажирани.

    „Има малолетни лица од 15 до 17 години, а се експлоатирани на начин што работат по 12 до 14 часа, а им е платена помала дневница, не се осигурани на цело работно време, туку на неколку часа, најчесто тоа се  случува во угостителството. Тој сектор е крајно несреден. Ќе земам личен пример, работев угостителство, бев осигурана на 4 саати, а работев 14 часа. Дел од парите ми беа давани на рака, дел префрлувани на сметка, за газдата да биде чист пред законот. Минимум 12 саати треба да има одмор меѓу смената, а тие немаат. Заминуваат од работа во 2 часот по полноќ и се враќаат во 7 наутро“, вели Атанасовска.

    Присутните побараа поголема функционалност на трудовиот инспекторат.

    „Трудовата инспекција има надлежности. Законот за инспекција на труд е солиден, дури има и дискреција работникот кога ќе пријави одреден проблем, службена тајна да останат неговите  лични податоци. Трудовиот инспектор не смее да го издаде тоа, а сепак во пракса персоналниот состав на трудовата инспекција е она што е проблематично кај нас. Многу од трудовите инспектори шуруваат со работодавачите  и им даваат информации за оние кои ги пријавиле и дека треба да извршат контрола.  Не се проблем законските одредби, туку како во пракса функционира трудовиот инспекторат како тело“, рече  Дејан Лутовски, дипломиран правник и социјален активист.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира