Академик Владо Камбовски го повикува претседателот Иванов да ја прочита Европската конвенција за човекови права и слободи и да престане да тврди дека нема начин да ги поништи решенијата за аболиција за тие што го бараат тоа од него.
“Го повикувам претседателот Ѓорге Иванов, кој тврди дека немало правно решение за поништување на аболицијата на политичарите и високите владини функционери, да се повика на член 6 од Европската конвенција за човекови права и слободи, веднаш да ги поништи решенијата и да донесе нови. Го повикувам да престане да тврди дека нема начин како да го изведе тоа, бидејќи како професор правник, добро знае дека Европската конвенција има повисока правна моќ од домашното законодавство“, му се обрати академик Владо Камбовски преку САКАМДАКАЖАМ.МК на Ѓорге Иванов, со упатство и водич како да го направи чекорот.
„Не постои систем втемелен на почитувањето на човековите слободи и права, кој го нема регулирано судирот, несогласувањето на граѓанинот со владата, претседателот, судот, кога се работи за правата и слободите на граѓаните“, објаснува Камбовски, па оттаму и Македонија, како потписник на Европската конвенција за човекови права го има в раце овој механизам.
„Во еден разумен рок од неколку дена, Иванов може да се повика на членот 6 од Конвенцијата, кој му гарантира право на граѓанинот на правично судење. Тој член вели дека секој граѓанин во случај на спор има право на правично судење пред независен и непристрасен суд. Откако ќе се повика на овој член, Иванов треба да ги поништи сите решенија за осомничените и обвинетите функционери и нивни помошници, кои се изјаснија дека не сакаат да бидат помилувани. Веднаш за овие лица треба да донесе нови решенија и тие да гласат: Да се врати постапката во онаа фаза каде што е запрена со аболицијата. Тие што не се противат на аболицијата, нека си останат аболирани. Ова е решението“, го поучува Камбовски претседателот Иванов.
Тој го предупредува дека ако некои од помилуваните лица бараат од претседателот да биде повлечена одлуката за помилување за нив, тој е должен да го стори тоа.
Камбовски појаснува дека се работи за спор на дел од помилуваните лица со претседателот, бидејќи во нивен интерес е да има судски спор, бидејќи им се заканува конфискација на имотот. Дел од помилуваните сакаат да ја докажат невиноста, а има и такви кои биле во притвор и сакаат низ судски процес да бараат отштета од државата за неоснован притвор. „Ова е нивно легитимно право и претседателот на државата нема право да им го укине“, смета академик Камбовски.
За оваа развиена пракса на Судот во Стразбур Камбовски го упатува Иванов и неговите советници да прочитаат литература, преводи од судската пракса на Европскиот суд за примената на член 6 за правото на правично судење, која им е достапна и на студентите по право, и на сите граѓани.
Ако Иванов не ја поништи аболицијата на тие што го бараат тоа од него, Камбовски упатува на второ решение:
“Помилуваните лица кои се противат на одлуката на претседателот имаат право да поднесат тужба пред редовен суд. Поднесуваат тужби против одлуката пред Основниот суд Скопје 1 каде се водеа постапките, а Судот е должен да одговори на секоја од тужбите. Ако спорот не е уреден со закон, тогаш Основниот суд Скопје 1 се повикува на ратификувани и востановени меѓународни норми, во случајов на Европската конвенција за човекови права и слободи, член 6, и ги поништува решенијата на претседателот“.