Специјалното обвинителство побара мерка притвор и пред Апелациониот суд Скопје против градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски во обвинението за ТНТ, за уривањето на „Космос“ на Фијат Цаноски. Обвинетиот Трајковски, пак, се жали на одлуката на Основниот суд Скопје 1, кој процени дека има опасност да избега од Македонија и му го одзеде пасошот.
Обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски на денешната седница по жалбите во Апелација покажа 3 покани кои Трајковски ги примил, а не дошол на распит во СЈО.
„Обвинетиот не покажа никакво почитување кон Специјалното обвинителство. Да примите 3 покани и да не дојдете, не знам освен притвор, што друго да се примени кон вас. Вие утре нема да доаѓате ни на судење. Има опасност обвинетиот да избега. Тој е на крајот на градоначалничкиот мандат. Има на товар две сериозни кривични дела. Државата треба да биде претпазлива”, смета Бубевски.
На ова адвокатот на Трајковски, Боро Тасевски, кој беше и претседател на Основниот суд Скопје 1 кога масовно се изрекуваа мерки притвор, рече:
„Со години македонското обвинителство и судство се на столбот на срамот пред светот поради масовното изрекување мерка притвор. Сега и СЈО инсистира на тоа кај Јакимовски. Ниту обвинетиот, ниту одбраната не примија предлог за притвор за да се изјасниме. Јакимовски е невин, инвеститорот си го призна пречекорувањето на градбата на објектот Космос, нема основ за притвор”.
Трајковски рече оти нема и мотив ни потреба да бега, оти како семеен човек, ќе биде тука за постапката против него, најмногу за да ги изнесе своите аргументи пред судот.
Во случајот ТНТ обвинети се експремиерот Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, за кој СЈО бараше мерка притвор. Основниот суд Скопје 1 ја одби мерката.
Според обвинението, се работи за спрега меѓу тогашната централна со локална власт, во која биле вмешани тогашниот премиер и тогашниот министер за транспорт и врски со цел да му се одмаздат на претседателот на ПЕИ Фијат Цановски за неговата одлука да ја напушти владејачката коалиција. Искористувајќи ја својата позиција, според СЈО, го поттикнале градоначалникот на Гази Баба да најде начин да го урне „Космос“. Градоначалникот прифатил таков налог и ја повикал градежната инспекторка во Гази Баба, на која ѝ кажал дека е побарано да се најде начин да се урне објектот. Таа се согласила и со користење на својата службена положба и незаконски направила мерење на височината на градбата.
Составила записник во кој нaвела дека објектот е повисок за 1,43 метри од предвиденото и донела решение за отстранување на градбата. Вештачењето што го направило Архитектонскиот факултет покажало дека првоосомничената постапила незаконски. Од инвеститорот било побарано да го урне објектот или да дозволи присилно уривање. Иако тој доставил стручно мислење од Архитектонсиот факултет во кое се велело дека нејзините одлуки се незаконски, постапката за уривање продолжила, и за да се забрза динамиката било одлучено да се урива со експлозив.
Со уривањето на објектот, на Цаноски му беше нанесена штета од 14,8 милиони евра. Како вкупна отштета, тој бара 58,8 милиони евра.
С. К. ДЕЛЕВСКА