На крајот на мај државните институции имале неплатени обврски од 363 милиони евра. Министерството за финансии ги собрало податоците од буџетските корисници, фондовите, јавните претпријатија и од опшините, и не ја гарантира веродостојноста. Институциите од културата должат 40,3 милиони евра.
„Тука обврските се главно за изградба на салата за Филхармонијата, Драмскиот театар, објектот Мајка Тереза и Театарот Велес,“, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференција.
Неплатените обврски во здравството се 52 милиони евра, а најголеми долгови имале Институтот за трансфузиона медицина, Градската општа болница „8 Септември“ и Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ од Скопје.
И покрај долговите, нема опасност по функционирањето на установите.
„Со ребалансот на Буџетот имаме сериозни дотации кон Фондот за здравствено осигурување за да нема сериозни проблеми“, изјави Тевдовски.
Долгот на МЖ Транспорт е 39,6 милиони евра, а меѓу големите должници се и МЕПСО и АД Македонија пат.
„Од ЕЛЕМ информираа дека ќе ги реализираат обврските за краток рок“, рече министерот.
Општина Гостивар не кажала колку должи. Долгот на сите останати изнесува 74,7 милиони евра. Најмногу неплатени обврски има Охрид – 11,6 милиони евра, а Карпош – 7,7 милиони евра.
Колку се стари обврските, нема информација. А за тоа како ќе плаќаат, Тевдовски кажа дека работат на проект со Светска банка за справување со долговите, и за развивање механизми во иднина да не се таложат. И Албанија имала ваков случај на големо долгување на државни институции.