Почна да тече рокот на Врховниот суд да одлучи по жалбите на Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски на кои што Апелациониот суд им одреди мерка притвор на 18 јули, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Утрово е комплетиран предметот со одговорот од Специјалното јавно обвинителство на нивните жалби и е испратен до Врховниот суд.
Петчлениот кривичен совет на Врховниот суд на чело со претседателот на највисокиот суд во земјава Јово Вангеловски има рок од 48 часа да одлучи дали ексначалникот на Петтата управа во МВР Грујовски, шефот на кабинетот на ексначалникот на УБК Сашо Мијалков, Јакимовски, и вработениот во УБК Бошковски заминуваат во Шутка или не. Притворите се изречени за предметите „Таргет“ и „Тврдина“, кои се однесуваат на тоа кој прислушувал масовно илјадници граѓани без судска наредба и кој ја уништил опремата за прислушување во МВР.
Претседателката на Апелациониот суд Лилјана Шопова ни појасни дека со Законот за кривична постапка Апелациониот суд е задолжен да ги почитува роковите кои што им се дадени на странките во оваа процесна постапка и дека сега сè е готово и како надлежни за оваа достава, тие како суд ги исполниле своите обврски во рамки на утврдените рокови.
С. К. ДЕЛЕВСКА