Реал Мадрид ноќеска загуби од Манчестер Јунајтед на пенали во натпреварот од Меѓународниот куп на шампионите во САД, но тренерот на шпанскиот тим Зинедин Зидан кажа дека многу позначајно во моментов е подготовката за другиот меч со „црвените ѓаволи“, оној во Скопје на 8 август во Суперкупот на УЕФА.
„Најважно за нас беше да почнеме да играме повторно, да се натпреваруваме повторно“, рече тој по мечот во Санта Клара, Калифорнија.
„Се подготвуваме за 8 август, тоа е нашата цел во моментов, нашиот прв официјален натпревар. Сакаме да дојдеме на тој натпревар во најдобра можна форма и да се обидеме да го освоиме првиот трофеј во сезоната“.
Натпреварот на стадионот „Ливај“ заврши 1:1 по 90 минути игра, откако Антони Марсијал му донесе водство на Јунајтед, а Касемиро израмни за мадриѓаните. На пенали, по многу промашувања на двете страни, англискиот тим победи со 2:1.