Големиот пожар во јужна Франција принуди над 10.000 луѓе да ги напуштат своите домови преку ноќ. Стотици пожарникари се распоредени за да се справат со ситуацијата во зоната Борм-ле-Мимоз, во провинцијата Прованс-Алп-Кот Дазур.
Франција побара помош и од нејзините соседи од ЕУ во борбата против пожарот. Повеќе од 4.000 хектари се изгорени на медитеранското крајбрежје и на островот Корзика. Локалните власти велат дека евакуацијата на илјадници луѓе стана задолжителна по брзото раширување на оганот.
Освен директната штета која што беше предизвикана од пламените, има и голема штета врз туризмот, затоа што населението на евакуираните зони обично расте за два пати или три пати поради летните одмори. Едно од најопасните места каде што почна пожарот беше многу блиску до Сен Тропе, една од најпознатите туристички зони на француската ривиера. Околу 3.000 од евакуираните биле луѓе дојдени на одмор во местата за кампување и беа принудени да ја поминат ноќта на плажа.
Од понеделникот, повеќе од 4.000 пожарникари и војници, помогнати од авиони кои што фрлаат вода, се обидуваат да го изгаснат пожарот. Локалните медиуми соопштуваат дека над 30 пожарникари и полицајци биле повредени за време на гасењето на пожарот, но за среќа не е регистрирана ниту една жртва.