Одделот за внатрешна контрола на Министерство за внатрешни работи утврдил дека четворица полицајци ги пречекориле службените овластувања на протестот на членови на Левица за време на презентацијата на воената опрема на Американската армија на скопскиот плоштад на 29 јули. Од МВР соопштија дека против четворицата полицајци ќе бидат преземни дисциплински мерки, а ќе биде известено и надлежното јавно обвинителство. Според утврденото од МВР, полицајците неосновано употребиле физичка сила врз четири лица, а на тројца неосновано им ставиле лисици.
„Утврдено е дека од страна на четворица полициски службеници врз четири лица неосновано била употребена физичка сила, а над тројца од нив без основа е употребено средство за присилба – врзување со лисици. Против полициските службеници кои што ги пречекориле службените овластувања и постапиле спротивно на член 83 и 85 од Законот за полиција ќе бидат преземени дисциплински мерки согласно Колективниот договор на МВР и ќе биде известено надлежното јавно обвинителство во Скопје“, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Првично, МВР кажа дека демонстрантите биле само легитимирани и веднаш пуштени.