Дали битолчани за време на најкрвавите борби и разурнувања во Првата светска војна, бегство на моменти од суровата реалност гледале во игрите на среќа? Ова прашање се поставува откако подрачното одделение на Државниот архив објави плакат за кој велат дека е зачуван од 1917 година, а содржи извлечени броеви од турска лотарија. Плакатот е изложен заедно со 250 други плакати со различни содржини во рамки на изложбата „100 години плакат во Битола“ поставена во Заводи и музеј.
Плакатот е објавен на турски јазик, лотаријата се одржувала во Истанбул, но известувања стигнувале дури во Битола. Поради тоа, се смета дека е можно и битолчани да учествувале во лотаријата.
„Во најстариот сочуван плакат објавени се извлечени броеви од турска лотарија од 1917 година. Тој е дел од голема збирка плакати со кои располага Архивот во периодот од 1917 до 1998 година. Сместена е во 18 архивски кутии и брои околу 4.332 предмети од филмски, театарски, спортски, рекламно-пропагандни, политички, концертни плакати, постери, објави и други останати метаријали. Тие е непроценлив извор за историјата на Битола“, вели Ацо Кимовски, директор на битолското одделение на Државниот архив.
Изложените плакати нудат итересни моменти од битолското минато. Најголемиот дел од плакатите се од времето на социјализмот и тоа повик за пошумување на голите терени кои со работни акции беа позеленети, но за жал пожарите од пред неколку години ги проголтаа. Потоа, известување за реновираната бавча на Офицерскиот дом, која денес е претворена во јавен нужник, а објектот руиниран. Прогласи за премии и рекордно производство на шеќерна репка која веќе десетина години не се одгледува во Пелагонија, откако фабриката беше продадена на бугарски газди. Плакати со кои се рекламираат делата во градот направени преку плаќање самопридонес, како што се Спортската сала, Центaрот за култура и друго. Конкурси за директори на претпријатија, фабрики и други институции во градот се исто така дел од изложбата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА