Премиерот Зоран Заев кажа дека со Законот за употреба на јазиците се гарантира употребата на македонскиот и на другите јазици и со него ќе се овозможи полесно функционирање на граѓаните со институциите на системот. На денешната прес-конференција во Охрид со вицепремиерот Хазби Лика, Заев рече дека откако ќе биде усвоен, законот ќе биде испратен на разгледување кај Венецијанската комисија, со предложените отворени прашања кои што не се дел од овој закон.
„Отворено и транспарентно информираме за политиките на Владата, нудиме решенија и горди сме поради тоа. Владата на РМ е определена на сите граѓани да им овозможи полесно да функционирааат во секојдневниот живот и во комуникациите со институциите. Го ветивме овој закон како дел од нашиот концепт ‘Едно општество за сите граѓани’ кој ја има поддршката од граѓаните и сметаме дека со негово усвојување покажуваме дека нема од што да бегаме. Владата покажува дека води грижа за сите граѓани. ‘Македонија за сите граѓани’ е концепт во кој силно веруваме. Новата Влада се определи за политики кои ја градат Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа”, рече Заев.
Заев кажа дека јазичните политики ќе се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници.
„Особено значајно, овој закон целосно ја гарантира употребата на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локалната самоуправа. Со законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, што значи дека законот согласно ова ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе им овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик“, рече тој изразувајќи уверување дека на тој начин полесно ќе се комуницира со институциите.
Премиерот додаде дека во иднина употребата на јазиците отсега ќе зависи исклучиво од законот, а не од тоа кој раководи со институцијата.
„Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат останатите граѓани, а добива Република Македонија како граѓанска и демократска држава”, изјави Заев.
Во врска со локалните избори, тој кажа дека тие ќе се одржат во предвидениот рок.
„Парламентарните партии се договорија локалните избори да бидат закажани за првата половина на октомври, со фиксен датум 15 октомври. Досега не гледам причини за нивно одложување. Ние во СДСМ постапките за избор на кандидати ќе ги продолжиме веднаш по 20 август кога завршуваат одморите, кога полека завршува туристичката сезона, за да можеме да продолжиме преку анкетирање да ги предложиме најдобрите кандидати, најдобрите не за Заев, за Шекеринска, Спасовски, туку најдобрите за граѓаните. Сакаме да го слушнеме гласот на граѓаните преку анкетите, тие да ни кажат кого го посасуваат да го води градот во кој живеат, согласно тоа ќе ги донесеме и одлуките. Некаде во првата половина на септември веќе се поднесуваат кандидатските листи, кампањата почнува од 25 септември“ рече Заев.