Во месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје се одбележа шеснаесетгодишнината од убиството на десетте бранители од резервниот состав на АРМ. На 8 август, 2001, за време на воениот конфликт во Македонија, албанските терористи поставија заседа кај месноста Карпалак и со рачни фрлачи го ракетираа конвојот на АРМ кој се движеше кон Тетово. Еден проектил го погоди автобусот кој беше полн со војници, а благодарение на возачот на автобусот Ацо Јовановски Реган, кој со невидена храброст и пожртвуваност успеа запалениот автобус да го извлече од заседата, беа спасени животите на останатите бранители.
За десетмината бранители, сите од Прилеп, кои тука загинаа, по неколку години од настанот беше поставена спомен-плоча на банкините од автопатот, која на неколку пати беше сквернавена и кршена. Затоа, бранителите апелираа до сите досегашните Влади и институции на ова место да се изгради достоинствен спомени на овие загинати херои, а тоа тоа по којзнае кој пат го повторија и денес.
„Шеснаесет години бараме на ова место да се подигне посоодветен споменик, но за жал него сѐ уште го нема. Венците и цвеќето го положуваме на банкината. Барем некој од власта еден јарбол да поставеше на ова место каде се загинати овие херои, за да се знае зошто овие луѓе ги положија животите за својата татковина“, изјави Ацо Јовановски Реган, возачот на автобусот кој беше ракетиран.
За овој трагичен настан од нашата понова историја зборуваше Марин Најдов од Здружението на бранители.
„Овде на Карпалак, на местото на нашиот непребол, велат времето лечи рана, можеби, но поминаа 16 години, а раната која тогаш ни беше нанесена сѐ уште нé боли, никако не зарасна. Покрај сета болка и тага која ни беше нанесена овие 16 години, со разни методи секогаш одново бевме потсетувани дека коренот на конфликтот сѐ уште постои и должни сме сите ние со човечност и трпение да го отстраниме“, рече Најдов.
На денешното одбележување на шеснааесетгодишнината од масакрот кај Карпалак венци положија претставници од Собранието на Република Македонија, на Владата, од АРМ, политички партии и здруженија и роднините на десетмината загинати бранители од Прилеп.
З. АНДОНОВ