СДСМ И ЏАФЕРИ СЕ КРИВИ ЗА ПАУЗИТЕ, НИЕ НЕ ПРИФАЌАМЕ ОДГОВОРНОСТ, ВЕЛИ ИЛИЈА ДИМОВСКИ

    СДСМ И ЏАФЕРИ СЕ КРИВИ ЗА ПАУЗИТЕ, НИЕ НЕ ПРИФАЌАМЕ ОДГОВОРНОСТ, ВЕЛИ ИЛИЈА ДИМОВСКИПратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски не одговори на новинарско прашање што прават на бројните паузи со кои што ја блокираат работата на Собранието. - Димовски на денешната седница (Фото: СДК.МК)

    Еден од десетмината координатори на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски одговори дека Талат Џафери и СДСМ се криви на новинарско прашање кој е виновен што собраниската седница за разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски никако не може да продолжи и влезе во периодот по распишувањето на локалните избори на шести овој месец.

    „Владата место на први јули, ребалансот го пушти на седми јули. На комисиската расправа мнозинството не прифати ниту еден амандман на опозицијата. Собранието не стави на дневен ред ниедно наше барање за седница. Не прифаќаме одговорност. Самите се криви за паузите“, одговори Димовски на прес-конференција во Собранието на прашањето дали Талат Џафери бараше десетици и десетици паузи, дали можеби СДСМ, ДУИ и останатите, или координаторите 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, и 10 на ВМРО-ДПМНЕ.
    Тој не одговори ни што прават на тие бројни паузи со кои што ја блокираат работата на Собранието, иако беше поставено како прашање.

    На директно прашање дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе направат инцидент, за што ги обвини на денешната седница претседателот на Собранието Талат Џафери, кога тие излегоа масовно на говорница да го бранат со жив ѕид разрешувањето на Марко Зврлевски, еден од 10-те координатори Илија Димовски рече дека тоа нема да се случи.

    Во историјата на постоењето на Парламентот на Македонија од социјализмот до денес, ниеден спикер не побарал асистенција од собраниското обезбедување како Џафери, рече Димовски. Но, на новинарско прашање дали некој во историјата на постоење на Собранието побарал толку многу паузи и дали кога ВМРО-ДПМНЕ веќе брои асистенции на собраниско обезбедување, изброила можеби и колку паузи побарале 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, и број 10 координаторот на нејзините пратеници, Димовски не одговори.

    Не одговори директно ни зошто не ја споменува како собраниска интервенција бруталното исфрлување на пратеници и на новинари од Собранието на 24 декември 2012 година, а особено не упадот и претепувањето на пратеници на актуелната власт на 27 април годинава.
    „Инцидент му треба на Талат Џафери. Тој не го виде членот 8-а од Изборниот законик кој не дозволува по распишување на избори, да се разрешуваат и именуваат државни функционери. Ако каже Антикорупциска комисија дека може, ние ќе продолжиме“, рече Димовски, кој додаде дека не знаел оти Комисијата е на одмор и не може да одговори во моментов.

    Тој рече дека се надева оти ќе го прекине одморот и дека до крајот на неделава ќе одговори дали може Зврлевски да биде разрешен.
    Димовски забележа дека „Владата не случајно брзаше да ги разреши владините функционери и членови на управни одбори пред распишувањето на изборите“, на што следуваше новинарско прашање:„Дали е ова Влада, или е Собрание? Нели разрешувањето на Зврлевски е работа на Собранието, а не на Владата?“
    Димовски, зад кого на денешниот прес застана целата пратеничка група, рече дека забраната содржана во членот 8-а важи и за активностите на Собранието.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира