Градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ го посети Алкалоид АД Скопје, соопштија од фармацевтската компанија.
За време на работната средба Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, го запознал Бандиќ со работењето и резултатите од работењето на компанијата како и деловните операции на хрватскиот пазар, каде производите на „Алкалоид“ се присутни речиси половина век.
По обиколката на производните капацитети Милан Бандиќ изјави: „Кога една компанија успеала цели 8 децении да се одржи на европскиот и да допре до светскиот пазар, тогаш нејзин главен гарант е единствено високиот квалитет. Навистина сум воодушевен од она што имав можност да го видам низ производните погони на “Алкалоид” и сега ми е сосема јасно зошто кога ме боли глава, веднаш посегнувам по Кафетин“.
Мукаетов и Бандиќ разговарале и за претстојното сениорско Европско ракометно првенство 2018 во машка конкуренција, кое во јануари следната година ќе се одржува во Хрватска. На првенството, чии натпревари ќе се играат во 4 различни градови, македонските ракометни сениори боите на Македонија ќе ги бранат во градот Загреб.
Од позиција на Претседател на Ракометната федерација на Македонија, г. Мукаетов побара логистичка поддршка од домаќините, имајќи го предвид огромниот интерес кај македонските ракометни фанови за следење на овој спортски спектакл од трибините на „Арена Загреб“, како и искуството од 2009 година, кога македонската „Фаланга“ ‘ги запоседна’ Вараждин и Задар за време на Светското ракометно првенство.
Милан Бандиќ го тера шестиот мандат како градоначалник на Загреб. Меѓу Загрепчаните, тој е познат како реформатор, за време на чие раководење градот доживува економска и културна ренесанса.
Бандиќ беше во Македонија да го следи натпреварот Реал Мадрид – Манчестер Јунајтед на УЕФА Суперкупот како гостин на познатиот загрепски пулмоонколог Гзим Реџепи кој е по потекло од Пирок, тетовско.