Ребалансот на Буџетот за 2017 година петти ден стои во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов непотпишан. Рокот за потпишување е седум дена, преостануваат уште два, а Иванов си заминал на одмор надвор од државата, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
Според информациите од собраниските служби, тие успеале деновиве да добијат по телефон некого од колегите во кабинетот на Иванов и да прашаат зошто тој уште не го потпишува ребалансот.
„Чекајте ќе прашаме, па ќе ви одговориме“, им рекло некое момче од кај Иванов.
Подоцна, оттаму на собраниските служби им било кажано дека претседателот Иванов не е тука, но дека не треба да се грижат за тоа, оти со владиното авионче се враќа в недела и сепак во рокот ќе го потпиште ребалансот.
На прашање каде е претседателот Иванов, оттаму, според соговорниците, им било кажано дека тоа е државна тајна. Па со оглед на тоа дека било спомнато владиното авионче, нагаѓаат нашите соговорници, Иванов изгледа не е во Охрид како што се претпоставувало, туку во странство.
На веб страната на претседателот на РМ, нема никакво известување дека Иванов е на пат, ниту пак како што вообичаено известуваше досега, има соопштение дека е на годишен одмор со семејството.
САКАМДАКАЖАМ.МК се обиде по телефон да го добие портпаролот Александар Чочевски и да добие инфо зошто се уште Иванов не го потпишува ребалансот и каде се наоѓа цела недела, како и тоа зошто отпатувал кога во точен рок се знаеше кога ќе се донесе ребалансот и зошто не почекал првин да го потпише па да замине, но на повикот портпаролот не одговори.
Прашавме во кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери дали добиле официјално известување од Иванов дека отпатувал надвор од Македонија, дали знае Џафери дека во отсуство на Иванов тој го заменува, е прв човек во државата и врховен командант на оружените сили?
Од кабинетот ни одговорија дека не добиле такво известување од Иванов, но и дека немало таква пракса на известување ни кога претседател на Собранието беше Трајко Вељаноски.
Има рок до недела претседателот Иванов да го потпише ребалансот на буџетот, ни рекоа од кабинетот на спикерот Талат Џафери.
С. К. ДЕЛЕВСКА