Центарот на Охрид, кај некогашниот полигон за мали спортови, деновиве е затрупан со ѓубре. Тоа е и еден од најголемите паркинг простори во градот, а тука се наоѓа и познат охридски ресторан.
„Поранешниот полигон за мали спортови во центарот на градот, кој е во сопственост на градежното претпријатие ‘Гранит’, по барање на јавното претпријатие ‘Билјанини Извори’ кое стопанисува со паркинг-просторот, беше темелно исчистен и беа собрани големи количини расфрлан комунален отпад, пластични шишиња, картонска амбалажа, искршени стаклени шишиња. Отпадот беше уредно подигнат и депониран од службите на Охридски Комуналец“, велат во „Охридски комуналец“, чии вработени по неодамнешната оставка на директорката Елена Скрческа почнаа поредовно да го чистат градот.
В.д. директор на јавното комунално претпријатие е Александар Китески, кадар на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, kој на оваа фунцкија дојде пред дваесетина дена, а фирмата има 210 вработени.
Охрид летово има голем проблем со ѓубрето во текот на викендите кога на крајбрежјето престојуваат и до 20 илјади домашни и странски гости. Во тие денови контејнерите низ градот и туристичките насеби се полни со ѓубре.
Охрид има комунални инспектори, но досега нема официјален податок дека имаат изречена некоја казна.
Според вебсајтот на Општина Охрид, во општинската административна структура има Сектор за заштита на животната средина и управување со отпад со одделение за заштита и влијание врз животната средина и одделение за управување со отпад и регионални депонии, потоа Сектор за комунални дејности, сообраќај и улици со одделение за комунални дејности и одделение за инспекциски надзор, како и Инспекторат чија надлежност е заштита на животната средина и природата, квалитетот на амбиенталниот воздух. Во сите овие сектори и одделенија работат по еден раковидител и заменик раководител на сектор, раководител на одделение и советници.
Сепак, ѓубрето се трупа и во центарот на градот и во националниот парк Галичица, а Општината нема податоци дали и колкумина се казнети за загадувањето како и што се прави за организирана заштита на природата и чистотата на градот.
Д. ЧУБРИЌ