Жителите на зградата на Кеј 13 Ноември број 76 во Маџир Маало не можат да си влезат дома, бидејќи улицата е ископана за градежни работи кои ги изведува компанијата БЕГ. На овој потег се врши промена на топловодни цевки, а од четвртокот околу зградата ископани се робови длабоки околу еден метар. Изведувачот на градежните работи не обезбедил никаков пристап за граѓаните до зградата, ниту пак дупката е обезбедена и заштитена. Станарите велат дека веќе пет дена се иселени од дома, оти немаат како да влезат во зградата.
„Веќе два месеци БЕГ копа ровови околу зградата кои се необележани, а ниту се заштитени. До сега некако успевавме да си влеземе дома, но сега тоа е невозможно. Дупката е долж целата зграда, длабока е еден метар и до пред некој ден беше полна со вода. Поради дождовите ископани се и темелите на зградата. Сите се иселивме од дома и не знаеме до кога ќе трае ова “, вели жител на зградата.
Од Општина Центар велат дека досега немала пријава за овој случај.
„Градежниот инспектор утре ќе излезе на терен и ќе направи увид на ситуацијата. Постојано имаме проблеми со инвеститори, меѓу кои и БЕГ, кои не го обезбедуваат просторот или пак градилиштата не се вратени во првобитна состојба “, велат од Центар.
Од БЕГ велат дека бил обезбеден привремен премин преку улицата, но во текот на зафатот се случил дефект на водоводната инсталација која предизвикала полнење со вода, па поради безбедносни причини морало да се отстрани привремениот премин.
„На отстранување на дефектот со вода работеше надлежната компанија, бидејќи тоа не е во наши ингеренциии, а според нашите последни информации дефектот е саниран. Екипите на изведувачот кој е ангажиран од Дистрибуција на топлина ‘Балкан Енерџи’ се на терен и работат на брзо завршување на овој инвестициски зафат и враќање на теренот во првобитна состојба”, велат од БЕГ и додаваат дека на овој потег работат на реконструкција со дислокација на топловод, кој е еден од трите главни топловоди од топланата Исток кон градот Скопје.
Имајќи предвид дека се работи за главен топловот со поголеми димензии, неговата реконструкција е од поголем обем.
А. АНТЕВСКА