СЕ ЧИСТИ ТЕТОВСКАТА ДИВА ДЕПОНИЈА, ПРОДОЛЖУВААТ ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО

    СЕ ЧИСТИ ТЕТОВСКАТА ДИВА ДЕПОНИЈА, ПРОДОЛЖУВААТ ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТОДодека траеше пресот на градоначалничката Арифи и додека се товараше сметот, на дел од депонијата повторно избиваше чад, а тетовската противпожарна единица брзо го угаси пожарот (Фото: СДК.МК)

     

    По големиот пожар што во неделата ја зафати тетовската дива депонија, на влезот во депонијата градоначалничката на Тетово Теута Арифи денеска одржа прес конференција, со која го означи почетокот на акцијата за нејзино чистење.

    Активистите на „Екогерила“ на влезот на Општина Тетово залепија листови хартија на кои е цитиран член 218 од Законот за животна средина, а според кој, тој што со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, воздухот, почвата, водата и ќе предизвика опасност за животот и здравјето на луѓето ќе се казни со затвор од 4 до 10 години (Фото: СДК.МК)

    „Денеска е завршена комплетната процедура и компанијата која ја доби работата веднаш започна со транспортирање на сметот. Ова е крајниот дел од овој процес, долгорочен како што беше долгорочен и проблемот во однос на решенијата кои ги баравме. Владата на Република Македонија со ребалансот на Буџетот ни издвои 12 милиони денари за оваа намена, за да може целиот овој процес да се заврши. Очекуваме отстранување на сметот од оваа локација да трае помалку од еден месец“, изјави Арифи.

    Според градоначалничката, сметот од тука се товари во камиони и се носи до блиската станица каде со специјални преси се компресира и понатаму во контејнери се транспортира во депонијата Дрисла или Русино кај Гостивар.

    Два часа по пресот на градоначалничката Арифи, пред депонијата протестираа активистите на еколошкото друштво „Екогерила“ (Фото: СДК.МК)

    Додека траеше пресот  на градоначалничката и додека се товараше сметот, на дел од депонијата повторно избиваше чад. На тоа веднаш интервенираа од тетовската противпожарна единица и со камион цистерна брзо го угасија пожарот. Тетовските пожарникари овде дежураат 24 часа, бидејќи по неодамнешниот пожар сѐ уште постои опасност депонијата повторно да се запали. Само два часа по пресот на градоначалничката Арифи, протест пред депонијата организираа активистите на еколошкото друштво „Екогерила“. Со маски на лицето и со транспаренти уште еднаш побараа да се исчисти депонијата и тетовци конечно да можат да дишат чист воздух.

    „По ‘Југохром’, главна локација за рак на животната средина за Тетово е оваа депонија. Гневот на граѓаните достигна највисока точка поради доцнењето на решавањето на овој проблем. Среќни сме да видиме дека депонијата се чисти и ви гарантираме дека ќе се бориме сѐ додека не го стекнеме нашето право на чиста животна средина“,  рече Аријанид Џафери од „Екогерила“.

    Од депонијата, активистите на „Екогерила“ протестот го продолжија пред зградата на Општина Тетово, каде на влезот залепија листови хартија на кои е цитиран член 218 од Законот за животна средина, а според кој, тој што со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, воздухот, почвата, водата и ќе предизвика опасност за животот и здравјето на луѓето ќе се казни со затвор од 4 до 10 години.

    За попладнево закажан е уште еден протест против дивата депонија и загадувањето на воздухот во Тетово. Преку социјалните мрежи се повикуваат тетовци да се соберат на градскиот плоштад и уште еднаш да побараат отстранување на дивата депонија од влезот на градот.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира