ВЛАДАТА ЌЕ ГО УКИНЕ ДИСКРЕЦИОНОТО ПРАВО ЗА ОДРЕДУВАЊЕ СУБВЕНЦИИ ЗА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ

    ВЛАДАТА ЌЕ ГО УКИНЕ ДИСКРЕЦИОНОТО ПРАВО ЗА ОДРЕДУВАЊЕ СУБВЕНЦИИ ЗА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИВладата на Заев ќе ги почитува обврските од важечките договори склучени oд поранешниот премиер Никола Груевски со странските инвеститори. - Груевски на пуштањето во употреба на фабриката на германската компанија „Маркарт“ во индустриска зона Караслари, Велес, на 7 октомври 2015 година. (Фото: МИА)

    Владата ќе прави нов модел за привлекување на домашни и странски инвестиции, со кој ќе се скрати правото за носење дискрециони одлуки од кој било функционер при давањето субвенции за отворено работно место.

    Од Владата не сакаат да ги коментираат сознанијата дека на некои компании од државниот буџет им биле давани и до 10 пати повеќе субвенции за отворено работно место од другите компании. На прашањето дали странските инвеститори се третирале нерамноправно, во зависност од договорот што требало да го одобри тогашниот премиер Никола Груевски, а пред тоа направен во четири очи меѓу функционерите кои тој ги имаше задолжено да носат странски инвестиции и инвеститорите, во Владата велат дека уште работат на анализа на документите што ги има потпишано претходната влада.

    За анализата е задолжен вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

    Од неговиот кабинет за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека од досега анализираните договори кои ги склучувала мината власт, утврдено е дека висината на директната државна помош се определувала дискреционо.

    „Согласно договорите, вкупните суми за помош на компаниите изнесуваат од 10 до 49,9 отсто од вкупната вредност на инвестицијата, а се движат од стотина илјади, па до неколку милиони евра“, велат од кабинетот на Анѓушев, но не сакаат да посочат ниту еден пример додека не ги завршат анализите.  Од таму ни беше речено дека дури кога ќе ги завршат анализите, јавно ќе ги презентираат податоците за средствата кои изминатите години се исплатени на компаниите во форма на дирекна државна помош.

    На состанок со странските инвеститори им било гарантирано дека Владата на Зоран Заев нема намера да ги ревидира договорите што веќе ги склучила владата на Никола Груевски. И од Кабинетот на вицепремиерот Кочо Аншушев велат дека ќе се почитуваат обврските од важечките договори склучени со странските инвеститори, но „се очекува реципроцитет и од нивна страна“.

    Сепак, за новите инвеститори се работи на дефинирање прецизни правила и критериуми во однос на начинот и вредноста на државната поддршка, а инвеститорите однапред ќе бидат информирани и ќе знаат колкава државна помош би можеле да добијат во однос на тоа кои критериуми ги исполнуваат.

    „Ќе работиме преку директна поддршка да се развијат домашните производни капацитети со цел да станат поконкурентни на пазарот и да влезат во ланецот на добавувачи на странските компании, со што системот на привлекување на странски инвестиции и економскиот развој би бил издржлив и попрогресивен“, велат од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира