Два и пол километри или повеќе од час и половина Борјан Јовановски и Далибор Стојковски, двете момчиња од Скопје пливаа на Велешкиот маратон. Водите на велешкото езеро Младост тие ги сечеа со ударите на рацете, одмерено, синхронизирано, во ритамот на далеку поискусните учесници рекреативци, нив околу 40-тина.
Тоа и не е вест ако и двајцата храбри и пред се` одважни момци не се лица со нетипичен развој. И на двајцата ова им е второ учество, откако пливаа претходно и на малиот Охридски маратон.
„Многу сум среќен што учествував и пливав“, вели Далибор Стојковски кој учи во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“. „Тоа што и стигнав последен за мене не е важно. Ќе пливам ако има уште вакви вакви маратони“, вели тој.
Далибор тренира три пати неделно по час и половина. Велешкиот маратон го пливаше заедно со Борјан Јовановски.
„Сакам да пливам, пливањето многу го сакам и не ми беше тешко да испливам“, рече Борјан кој од есен ќе учи во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ каде сака да научи да прави слатки.
И двете момчиња се членови во Здружението на граѓани „Дајте ни крилја“, што го води пејачката Ребека Ристевска која и самата има дете со нетипичен развој.
„Двајцата наши членови испливаа без поголем проблем 2,5 км, а од година ако продолжат со тренинзи ќе пливаат и 10 км. Финансиски не сме поддржани многу од институциите, се надевам дека Агенцијата за спорт ќе го види нивното учество и ќе помогне за следната година. За моја сатисфакција го сметам тоа што имавме случај на дете кое имаше фатена целосна десна страна од телото, се движеше со количка. По три недели пливање се дигна, искачи три скали, потоа по два месеци и 21 скала, а по четири месеци пливање детето излегува од базен оди од комбето и заминува дома“, вели Пане Игнов тренер и придружник на Борјан и Далибор.
Во проектот „Слобода во вода“, кој го тера веќе шеста година до сега биле вклучени повеќе од 400 деца, сите со различни пречки.
На пливачкиот маратон на езеро Младост меѓу професионалците победи Евгениј Поп Ацев.
П. ПЕЧКОВ