Змии ќе ги изедат вработените во подрачното оддление на Министерството за правда и граѓаните на Куманово, кои сакаат да извршат увид во избирачкиот список или да остават потпис за независен кандидат за градоначалник или за советници во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.
Зградата во која се сместени канцелариите се наоѓа во центарот на градот, помеѓу трите главни институции: Општината, Полицијата и Судот, но е тешко е пристапна, бидејќи е обрасната во трева, блокирана од стари автомобили и затрупана во отпад.
За да се стигне до единствениот влез мора да се помине по тесна патека од едвај 30 сантиметри, покрај висока трева и напуштени автомобили. Ни состојбата во зградата не е подобра, подовите се распаднати, а просториите и инвентарот неугледни. Граѓаните и луѓето кои се вклучени во изборите бараат да се исчисти просторот околу зградата, а единствениот независен кандидат за градоначалник на Куманово поднел брање до ДИК канцеларијата да се дислоцира.
„Барам членовите на ДИК да извршат контрола над местоположбата на канцеларијата и да оценат дека нема елементарни услови за фер процес при собирање потписи. Зградата е зафрлена, со влез од страна на напуштен паркинг на возила за отпад, обраснати во трева, при што граѓаните не можат ниту да ја пронајдат каде се наоѓа. Воедно барам транспарентно да се обележи канцеларија од главната улица ,11 Октомври или Градскиот плоштад, за да може изборниот процес да биде фер и демократски при собирање на потребниот број на потписи “, – напишал во преставката до ДИК, Марјанчо Ангеловски, независен кандидат за градоначалник на Куманово, кој мора да собере 500 потписи за да влезе во кампања.
Тој додава дека има голем број свои подржувачи, но кога ќе им каже каде треба да отидат за да се потпишат сите се откажуваат , бидејќи не сакаат да одат во змијарникот и отпадот за стари коли. Слично е и со граѓаните кои треба да извршат увид во избирачкиот список.
Вработените велат дека сами ја сечат тревата, бидејќи покрај опасноста од појава на змии, на запуштениот паркинг и во скршените автомобили се собираат кучиња скитници, кои ги напаѓаат. Затоа бараат од надлежните во општината и полицијата да ги отстранат возилата и да го исчистат просторот.
Од СВР Куманово велат дека тие не можат да интервенираат, бидејќи запленатите возила се предмет на кривична постапка и се во надлежност на Судот. Земјиштето е во приватна сопственост и немаат начин да преземат дејствија што се однесуваат на јавна површина.
И од општина Куманово се прогласија за ненадлежани затоа што се работи за приватно земјиште на кое инвеститорот „Простор“, пред 15-години добил дозвола од Министерството за транспорт и врски да изгради деловен објект со катна гаража. Објектот го изградил, но не и катната гаража, бидејќи требало да изврши експропријација на две куќи. Сега просторот е запуштен и грдотија во центарот на градот, а никој не може да го натера инвеститорот да ја исполни обврската.
С. НИКОЛИЌ