Деветнаесетмина лица, од кои 15-мина се идентификувани како припадници на обезбедувањето, се обвинети од големата порота во Вашингтон за напад врз демонстранти, што се случи при посетата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на САД во мај годинава.
Тие се обвинети дека организирано физички нападнале мирни демонстранти, кои беа собрани пред куќата на турскиот амбасадор, чекајќи го Ердоган по неговата средба со претседателот на САД, Доналд Трамп. За ваков прекршок, максималната затворска казна во САД е 15 години, а некои се товарат и за напад со смртоносно оружје.
Само двајца од обвинетите се уапсени досега и на суд ќе се појават на 7 септември, додека останатите не се достапни за органите на прогонот. Повеќето од нив се припадници на официјалното обезбедување на Ердоган, кои се вратија со него во Турција и засега е нејасно дали против нив ќе се поведе судска постапка во САД.